Потпрограма Култура

Потпрограма Култура

Потпрограмата „Култура“ располага со буџет од 454,8 милиони евра за периодот 2014 – 2020 година и e наменета за поддршка на организации од областа на културните и креативните сектори преку четири акции:

  • Проекти за соработка
  • Проекти за книжевни преводи
  • Мрежи
  • Платформи.

Културните и креативните сектори ги претставуваат богатството и разновидноста на европската култура и културно наследство, со што значајно придонесуваат во општествениот развој. Овие сектори играат многу важна улога и во развојот на европската екoномија и обезбедуваат поддршка во процесот на отворање нови работни места.

Креативна Европа е дизајнирана да ја заштитува и да ја промовира европската културна и јазична различност во Европската Унија, да ја зајакне позитивната конкуренција на овие сектори, да отвори нови пазари и можности преку активно вклучување на публиката во овие процеси.

Општи цели на потпрограмата „Култура“

  • Поддршка на капацитетите на европските културни и креативни сектори во насока тие да дејствуваат на транснационално ниво.
  • Промоција на транснационалната циркулација на културните и на креативните дела и производи и на операторите со цел да достигнат нова публика во Европа и пошироко.
  • Јакнење на капацитетите на културните и на креативните сектори, особено на малите и на средните претпријатија и организации.
  • Поддршка на стратегијата за транснационална соработка со цел да се зајакне развојот на политиките, иновативноста, развојот на публиката и нови бизнис-модели.

Приоритети на потпрограмата „Култура“

  • Зајакнување на капацитетот на културните и на креативните сектори преку поддршка на акции кои ќе обезбедат професионални вештини за операторите и истовремено ќе ги обучат за практиките од областа на дигиталните технологии и истражувањата на нови стратегии кои ќе придонесат кон развој на публиката и нови бизнис-модели.
  • Поддршка на акции кои ќе им овозможат на уметниците и на професионалците од културниот сектор да ги прошират своите кариери на меѓународно ниво.
  • Зајакнување на европските професионални мрежи од областа на културните и креативните сектори.
  • Промоција на транснационалната циркулација на културните и на уметничките дела и производи (меѓународни турнеи, настани, изложби, книжевни дела).
  • Поддршка на процесот за развој на публика со цел да се стимулира интересот за европските дела од овие области.

Кој е квалификуван за учество во потпрограмата „Култура“?

  • За учество во потпрограмата Култура се квалификувани организациите од културните и од креативните сектори кои се правно регистрирани и активни најмалку две години (до датумот предвиден како краен рок за доставување на апликацијата) во земјите учеснички во потпрограмата.
  • Образовните институции, општините и други правни субјекти кои имаат културни сектори или реализираат активности од областа на културата, исто така, се квалификувани за учество во потпрограмата.
  • Аудиовизуелниот сектор е квалификуван за учество во потпрограмата „Култура“ само со проекти кои се однесуваат на културниот и на креативниот сектор, односно не се наменети за поддршка од програмата МЕДИА.

Квалификувани земји

  • Земјите членки на ЕУ (Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Ирска, Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Велика Британија).
  • Земјите од Европската економска област (Норвешка и Исланд).
  • Земјите со кандидатски статус и потенцијални кандидати за членство во ЕУ (Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина).
  • Земјите кои се дел од надворешната политика на ЕУ под услов да имаат потпишано договор за учество во потпрограмата Култура со Европската комисија (Грузија, Молдавија и Украина).