03.03.2022 - Oтворени повици

ТВ и онлајн содржина (2022)

Линк: TV and online content (CREA-MEDIA-2022-TVONLINE)

На 3. февруари 2022 година, Европската комисија, во рамките на Програмата „Креативна Европа 2021 – 2027“- МЕДИА, го објави Повикот за ТВ и онлајн содржина за 2022 година, со двоен краен рок за поднесување на електронските апликации до 5. април и 20. септември 2022г.

Повикот ТВ и онлајн содржина е поддршка насочена кон зголемување на капацитетите на аудиовизуелните продуценти за развој и продукција на проекти со значителен потенцијал да циркулираат низ Европа и пошироко, преку поттикнување на европски и меѓународни копродукции во рамки на телевизискиот и онлајн сектор. 

Оваа поддршка има за цел:

  • Да ја зајакне независноста на продуцентите во однос на прикажувачките и дигиталните платформи;
  • Да ја подобри соработката помеѓу операторите, вклучувајќи ги и независните продуценти, емитувачи, дигитални платформи и селс агенти од различни земји кои учествуваат во потпрограмата МЕДИА;
  • Продукција на високо квалитетна програма која има потенцијал да допре до меѓународната публика вклучувајќи и рекламно прикажување на мултимедијалните платформи. 
Кој може да аплицира? 

На повикот ТВ и онлајн содржина можат да се пријават субјекти кои се:

  • Регистрирани како правни лица (јавни или приватни тела);
  • Регистрирани во држава која е дел од Креативна Европа (држави членки на Европската Унија, држави кои се дел од Европската економска област и држави кои не се дел од Европската Унија, но се членки на програмата Креативна Европа- целата листа е достапна на следниот линк);
  • Регистрирани на дигиталната платформа (достапна на следниот линк);
  • Независни европски продукциски куќи кои ги исполнуваат следните дополнителни услови:
    • Да обезбедат учество на најмалку два емитувачи поткрепено со правно обврзувачки договор; 
    • Координаторот мора да биде мнозински продуцент на делото во однос на правата. Во случај на копродукција од 50%-50%, координаторот треба да биде назначен од партнерот(ите) како главен продуцент;
    • Да обезбедат минимален износ од 40% од вкупниот предвиден буџет за продукција од трет извор, односно преку придонес од емитувачите, дистрибутерите и приватни и/или јавни фондови. 
Поддршката е достапна за: 

Повикот ТВ и онлајн содржина поддржува играни, анимирани и документарни дела наменети за линеарно и нелинеарно прикажување, кои:

  • Претставуваат цврста соработка помеѓу различни земји кои учествуваат во потпрограмта МЕДИА на Креативна Европа;
  • Имаат високи креативни и уметнички вредности и значителен потенцијал за циркулирање на  европско и меѓународно ниво; 
  • Содржат иновативни аспекти во однос на содржината и финансирањето кои покажуваат јасна врска со предвидени стратегии за дистрибуција;
  • Посебно внимание ќе се посвети на проекти кои вклучуваат соодветни стратегии за обезбедување на поодржлива и „позелена“ индустрија (преку ангажирање на консултанти за животна средина кои ќе асистираат во намалувањето на штетното влијание на самата продукција врз животната средина) и родова еднаквост, инклузивност, разновидност и репрезентативност.  
Очекувани резутати:
  • Да се зголеми продукцијата и копродукцијата на високо квалитетни европски дела наменети за линеарно и нелинеарно прикажување (вклучувајќи ги и дигиталните платформи);
  • Да се зголеми соработката помеѓу операторите и емитувачите од различни држави кои учествуваат во потпрограмата МЕДИА; 
  • Да се зголеми публиката на европски дела наменети за линеарно и нелинеарно прикажување (вклучувајќи ги и дигиталните платформи).
Достапно финансирање

Максималниот износ на кофинансирање изнесува 20% од вкупниот буџет на проектот. Доделената поддршка може да биде помала од бараниот износ. Поддршката ќе биде паушална (lump sum grant), што значи дека ќе биде надоместен фиксен износ, кој е претходно утврден од страна на донаторот: 

  • За креативни документарци, максималниот износ на грантот е 300 000 евра.
  • За анимирани аудиовизуелни дела, максималниот износ на грантот е 500 000 евра.
  • За играни филмови, максималниот износ на грантот е: 
    • 500 000 евра доколку продукцискиот буџет е под 10 милиони евра. 
    • 1 милион евра доколку продукцискиот буџет е помеѓу 10 милиони и 20 милиони евра. 
    • 2 милиони евра доколку продукцискиот буџет е над 20 милиони евра. 

Времетраењето на проектите во рамките на овој повик не треба да е подолго од 24 месеци, или 36 месеци во случај на серии со повеќе од две епизоди.

 

Подетални информации за повикот ТВ и онлајн содржина можете да најдете на следниот линк.

Апликацијата се пополнува и се доставува онлајн преку Порталот за финансирање и можности за тендери (FTOP) на Европската комисија, во согласност со крајниот рок. 

За повеќе информации поврзани со Повикот можете да се обратите до Одделението за Креативна Европа на ЕУ – Потпрограма МЕДИА при Агенција за филм на Република Северна Македонија. 

Е-пошта: media@ced.mk
Е- пошта: mirchevska.ivana@filmagency.gov.mk
ул. 8 Март бр. 4, 1000 Скопје, Северна Македонија
тел. +389 2 3224 100 / факс. +389 2 3224 111
www.filmagency.gov.mk