За програмата

ПОДНАСЛОВ НА СОДРЖИНА LOREMUS IPS

За програмата

„Креативна Европа (2014 – 2020)“ е рамковна програма на Европската комисија за поддршка на културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор во Европа и пошироко. Програмата ги соедини искуствата на претходните програми: „Култура 2007 – 2013“, „МЕДИА 2007 -2013“ и „МЕДИА Мундус“ и, во согласност со новите предизвици со кои се соочуваат културниот, креативниот и аудиовизуениот сектор во Европа, е редизајнирана во две нови потпрограми: „Култура“ – чија цел е да ги поддржи и да ги промовира културниот и креативниот сектор и „МЕДИА“– која обезбедува поддршка и промоција за аудиовизуелниот сектор во Европа и пошироко, и посебен меѓусекторски дел кој се однесува на проектите кои во одредена мера можат да припаѓаат и на двете потпрограми.

Буџетот на програмата „Креативна Европа“ изнесува 1,46 милијарди евра за период од 7 години, од кои 56% се наменети за потпрограмата „МЕДИА“, 31% за потпрограмата „Култура“ и 13% за меѓусекторска соработка.

„Креативна Европа“, како финансиски инструмент на Европската Унија, е наменета за поддршка на:

  • Иницијативи од областа на културниот и креативниот сектор (промоција на транснационална соработка, платформи, мрежи и книжевни преводи).
  • Иницијативи од областа на аудиовизуелниот сектор (поддршка и промоција на развој на проекти, дистрибуција и пристап до аудиовизуелните дела и производи).
  • Меѓусекторска соработка (нови гарантни олеснувања, транснационална соработка, нови бизнис-иницијативи и модели и поддршка на канцелариите за Креативна Европа).

По потпишувањето на Договорот со Европската Комисија за учество на Република Македонија во „Креативна Европа – потпрограма Култура – програма на Унијата наменета за културните и креативните сектори за периодот 2014 – 2020 година“ на 22 јули 2014 година, нашите претставници од културниот и од креативниот сектор имаат можност рамноправно да учествуваат во оваа потпрограма. Во согласност со истиот договор, по усогласувањето на новиот Закон за медиуми и аудиовизуелни услуги со Директивата за аудиовизуелни и медиумски услуги на Европската комисија (Directive AVMS) од 24 јули 2015 година, нашите преставници од аудиовизуелниот сектор имаат можност целосно да учествуваат и во потпрограмата „МЕДИА“.