Најчесто поставувани прашања

Најчесто поставувани прашања

Кој може да аплицира за поддршка од „Програмата Креативна Европа на ЕУ – потпрограма Култура“?

– Организации кои активно реализираат проекти од областа на културните и креативните сектори. Организациите мора да се формално регистрирани како правни субјекти во земјите учеснички на „Потпрограмата Култура“, и тоа најмалку две години постоење и дејствување во секторот до датумот на поднесување на апликацијата (важи само за водечкиот партнер).

Кои сектори ги опфаќа „Потпрограмата Култура“?

– „Потпрограмата Култура“ ја карактеризира повеќедисциплинарниот пристап со цел да се опфати културата со сите нејзини карактеристики и форми: сценско-изведувачки уметности, визуелни умености, културно наследство, книжевност и издаваштво и сл.

Активностите кои се однесуваат исклучиво на аудиовизуелниот сектор не се квалификувани за поддршка од оваа потпрограма. Но, доколку активностите од аудиовизуелниот сектор содржат придружни активности во проектите наменети за културните и за креативните сектори, во тој случај тие се квалификувани.

Активностите кои се исклучиво наменети за аудиовизуелните сектори се поддржани од „Потпрограмата МЕДИА“.

Кои земји се квалификувани за учество во „Потпрограмата Култура“?

– За учество се квалификувани организациите од културните и од креативните сектори на:

  • 28 земји на Европската Унија;
  • земјите на Европската економска област;
  • земјите со кандидатски статус за членство во Европската Унија;
  • земјите потенцијални кандидати за членство во Европската Унија;
  • земјите кои не се членки на Европската Унија врз база на потпишан билатерален договор со Европската комисија.

Кои акции се кофинансирани од „Потпрограмата Култура?“

-„Потпрограмата Култура“ е составена од четири различни финансиски шеми наменети за посебни видови активности:

  • Проекти за соработка
  • Проекти за книжевни преводи
  • Мрежи
  • Платформи.

Дали се потребни партнерски организации од земјите учеснички во „Потпрограмата Култура“ за сите четири акции на потпрограмата?

– Проектните предлози наменети за поддршка од акциите „Проекти за соработка“, „Мрежи“ и „Платформи“ имаат копродукциски карактер и мора да вклучуваат учество на повеќе партнерски организации.

Исклучок претставува акцијата за „Книжевни преводи“ во која корисник на поддршката од Европската Унија е издавачката куќа како единствен апликант.

Која е улогата на партнерите во „Проектите за соработка“ и по што се разликува од улогата на водечкиот партнер?

– Проект-лидерот и партнерите мора да имаат конкретна и есенцијална улога во дизајнирањето и имплементацијата на проектот. Улогите на сите партнери теба да бидат конкретно дефинирани. Сите партнери, вклучувајќи го и водечкиот партнер, треба заеднички да ја развиваат проектната идеја без разлика чија е иницијативата за проектот. Улогите и учеството на сите партнери во проектот мора јасно да бидат прецизирани во апликацијата. Повеќе информации во врска со одговорностите што ги има водечкиот партнер и документите кои ги потпишува можете да најдете во „Водичите за апликанти“.

Врска: https://eacea.ec.europa.eu/sites/eacea-site/files/4._guide_for_applicants_eacea_32_and_35_2017_coop_2018_final.pdf

Која е процедурата за селекција на проектите?

– „Креативна Европа – потпрограма Култура“ е централизирана програма на Европската комисија. Апликациите за проекти директно се доставуваат до Извршната агенција за образование, аудиовизуелна дејност и култура во Брисел. Оцената и селекцијата на проектите се директна одговорност на Европската комисија.

Европската комисија е одговорна за техничка проверка на апликацијата во согласност со критериумите за селекција. Апликациите кои не се соодветно пополнети или, пак, им недостига некој од предвидените документи или теми, се сметаат за неквалификувани.

Проектите ги оценува комисија од независни експерти врз основа на претходно предвиден систем на бодови за процена од страна на Европската комисија.

Периодот од доставувањето на апликацијата до нејзината селекција или одбивање и доставувањето на договорите изнесува 6 месеци.