02.05.2017 - Новости

„Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ поддржан од МЕДИА

Новиот филм на Теона Стругар Митевска „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ ја доби поддршката од потпрограмата МЕДИА на Креативна Европа, на последниот повик за подршка на развој на филмски проекти, во висина од 30.000 евра. Во конкуренција од 294 пријави од цела Европа, на овој конкурс се поддржани 57 проекти, меѓу кои и најновиот филм на Теона Митевска, кој е во подготовка и ќе се реализира во продукција на Сестри и брат Митевски, во копродукција со партниери од Белгија и Словенија, а се очекува во реализацијата на проектот да се приклучи уште една западноевропска земја.

Во образложението за проектот, комисијата го оценува сценариото со највисоки оценки и покрај овој квалитет, го истакнува и креативниот тим, кој несомнено може да ја изнесе на површина креативната визија на режисерот.

„Господ постои, нејзиното име е Петрунија“, е поддржан од Агенцијата за филм на РМ со средства во износ од 30.000.000 денари и беше презентиран на три маркети, од кои на Синелинк во Сараево ја освои највисоката награда за развој на проекти која ја дава европскиот фонд Еуримаж, во висина од 20.000 евра.

Инаку престижната програма МЕДИА стана достапна за Македонските филмски професионалци од Јули 2015, а од Април 2016 во склоп на Агенцијата за Филм на Р. Македонија, започна да функционира и канцеларијата на МЕДИА. Од приклучувањето на Македонија во потпрограмата МЕДИА на Креативна Европа, со  поддршка се здобија поголем број на проекти, а целосната листа може да се види на следниот линк: www.ced.mk/mediamk/mk/poddrzhani-proekti