Cartoon Business е тридневен семинар организиран од CARTOON – European Association of Animation Film, со поддршка од програмата „Креативна Европа – МЕДИА“ на Европската Унија, што ќе се одржи од 24 до 26 ноември 2026 година во Брисел, Белгија.
Семинарот е посветен на деловните модели и економските стратегии во индустријата за анимација. Наменет е за искусни професионалци од европскиот и од меѓународниот сектор за анимација и комбинира стручна програма со многубројни можности за професионално вмрежување.
Програма
Програмата на Cartoon Business опфаќа воведни предавања (keynotes), панел-дискусии и студии на случај, посветени на актуелни теми, како што се: состојбите на пазарот, јавните и приватните инвестиции, новите модели за раст, претприемништвото и обезбедувањето финансиски средства.
Во рамките на околу 12 до 14 сесии, приближно 25 меѓународни говорници ќе ги претстават најновите трендови, искуства и предизвици во индустријата за анимација.
Покрај главната програма, семинарот вклучува и три формати за вмрежување и професионално советување:
- One-to-One Meetings – организирани индивидуални состаноци меѓу учесниците;
- Business Clinic – индивидуални консултации со искусни експерти, на кои учесниците, вклучително и оние што се на почетокот на својата кариера, можат да добијат совети за правни прашања, финансии и инвестиции, развој на франшизи, технологија и иновации, менаџмент и стратегија, претприемништво и одржливост;
- Connections Hub – простор наменет за професионално вмрежување и размена на искуства меѓу учесниците.
Работен јазик на семинарот е англискиот.
Кој може да учествува?
Cartoon Business е наменет за професионалци од индустријата за анимација, особено од Европа. Според организаторите, не постојат формални ограничувања за учество.
Настанот е наменет за: извршни директори (CEO), потпретседатели (VP), консултанти, финансиери и инвеститори; дистрибутери и продажни агенти; претставници на телевизиски куќи и стриминг-платформи; продуценти, сценаристи и режисери; претставници на студија за анимација и медиуми.
Време и место на одржување
Датуми: 24 – 26 ноември 2026 година (вторник – четврток)
Место: Брисел, Белгија
Регистрација: пријавувањето за изданието во 2026 година е во тек
Краен рок за аплицирање за стипендија: 31 јули 2026 година
Котизација: 400 евра (без ДДВ). Компаниите од Европската Унија, доколку имаат право на одбивка на претходниот ДДВ, можат да побараат негов поврат.
Во котизацијата се вклучени: два ручека; кафе-паузи; вечера за добредојде; коктел по повод затворањето на настанот; пристап до One-to-One Meetings, Business Clinic и до другите активности за вмрежување; пристап до мобилната апликација со програмата и контактите на учесниците.
Во котизацијата не се вклучени: сместување; патни трошоци; дополнителни оброци и пијалаци.
Стипендии
Достапни се стипендии за државјани на следните земји: Албанија, Ерменија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Хрватска, Чешка, Естонија, Грузија, Грција, Унгарија, Летонија, Литванија, Малта, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија, Полска, Србија, Романија, Словачка, Словенија, Тунис и Украина.
Пријавите за стипендија треба да се испратат по електронска пошта на louis.vincent-genod@cartoon-media.eu, најдоцна до 31 јули 2026 година.
Дополнителни информации и регистрација се достапни на официјалната веб-страница на организаторот:
https://www.cartoon-media.eu/business/register-to-event
Во рамките на петтото издание на филмскиот фестивал „Преку езерото“, на 14 јули во Струмица и на 15 јули во Дојран се одржа работилницата „Вештачката интелигенција во филмот и креативните индустрии“, што беше реализирана во соработка со Канцеларијата на Креативна Европа МК.
На овој настан, кој предизвика голем интерес кај филмските професионалци, учествуваа Милош Џукелиќ (режисер и продуцент, Србија), кој порача дека креативците не треба да се плашат од вештачката интелигенција (AI), туку да ја користат како моќна алатка и креативно средство и Момчил Алексиев (визуелен уметник и режисер, Бугарија), кој истакна дека филмот ќе опстане, но работните процеси и професии ќе се трансформираат. Тој направи и практична демонстрација на популарни AI-алатки (како ChatGPT, Midjourney, Runway, ElevenLabs и др.) и нивната примена во продукција, сценарио и монтажа.
На работилницата беа презентирани можностите за финансирање, пред сè, преку потпрограмата МЕДИА и повиците за коразвој, видеоигри и имерзивни содржини, како и лабораториите за иновации на Меѓусекторската потпрограма, кои поддржуваат и проекти со интегрирана вештачка интелигенција (AI), како и обуки за професионално усовршување.
По двата интензивни работни дена, се дојде до заклучокот дека иднината на аудиовизуелниот сектор зависи од приспособувањето кон новите технологии и интердисциплинарната соработка меѓу филмските автори, програмерите и експертите и дека прифаќањето на новите технолошки текови е клучно за развојот на регионалната и на меѓународната кинематографија.