Канцеларијата на Креативна Европа МК и фестивалот „МакеДокс“, корисник на потпрограмата МЕДИА, и оваа година ја продолжија успешната партнерска соработка. Во рамките на „МакеКоПроДокс Форум 2026“, на 27 август, во Албанскиот театар – Скопје, се одржа панел-сесијата „Француско-балкански копродукции и дистрибуција на балкански документарни филмови“.
Сесијата започна со претставување на можностите што ги нуди потпрограмата МЕДИА за авторите и продуцентите на документарни филмови, со посебен акцент на претстојниот повик „Мини слејт“, од страна на претставник на Канцеларијата на Креативна Европа МК.
Со учество на експерти од Франција со искуство во продукцијата, финансирањето, продажбата и дистрибуцијата на документарни филмови – Виктор Еде, продуцент во Cinéphage Productions; Карин Чичковски, продуцентка во Survivance; Роман Вајбел, стручна соработничка за документарен филм во Дирекцијата за аудиовизуелна дејност при CNC (Национален центар за кинематографија и подвижна слика на Франција); и Ана Бертоле, извршна директорка на Lightdox и експертка за меѓународна продажба и дистрибуција на документарни филмови – беше отворена дискусија за можностите за унапредување на соработката меѓу Франција и Балканот и создавање услови за поголема поддршка на документарните филмови – од развојот на проектите и копродукцијата, преку финансирањето, до нивната меѓународна продажба и дистрибуција.
На сесијата беа опфатени и етичките аспекти на копродукциските практики, градењето долгорочни креативни партнерства и можностите за финансирање во Франција, како и улогата на Креативна Европа – МЕДИА во поддршката на циркулацијата и дистрибуцијата на европските аудиовизуелни дела. Посебно внимание беше посветено на предизвиците и можностите за доближување на балканските документарни приказни до публиката низ Европа.
Панел-сесијата отвори простор за размена на искуства и идеи меѓу продуценти, претставници на фондови и професионалци од областа на продажбата и дистрибуцијата, со фокус на нови можности за соработка и зајакнување на професионалните врски меѓу филмските професионалци од Франција и Балканот.