Отворен е повикот за петтото издание на Lab of Cultural, Creative and Festival Journalism, програма наменета за млади новинари кои сакаат да ги унапредат своите знаења и вештини во новинарството посветено на културата, креативните индустрии и филмските фестивали.
Програмата ја организира мрежата MIOB (Moving Images Open Borders), во која членуваат Crossing Europe, Palić Film Festival, FilmFestival Cottbus, Scanorama Film Festival, Les Arcs Film Festival и Trieste Film Festival.
Оваа година, лабораторијата се реализира во соработка со Cineuropa, една од водечките европски платформи посветени на европската кинематографија. Учесниците ќе имаат можност одблизу да се запознаат со работата на професионалните филмски новинари и со спецификите на меѓународното филмско новинарство.
Програмата претставува можност за директно учество на филмски фестивал со новинарска акредитација, под менторско водство и во соработка со други млади новинари. Учесниците ќе известуваат за фестивалските активности, ќе имаат можност да интервјуираат филмски автори и други гости на фестивалите, а нивните текстови ќе бидат објавувани на веб-страниците на MIOB и партнерските фестивали.
Во рамки на соработката со Cineuropa, младите новинари ќе имаат можност да подготвуваат филмски рецензии, текстови и извештаи за филмовите од фестивалската програма и за своето искуство на фестивалот. Најдоброто авторско остварување, кое ќе го избере комисијата, ќе биде објавено на Cineuropa како посебно признание за талентот и ангажманот на авторот.
Покрај практичното искуство, учесниците ќе имаат можност да стекнат нови знаења и вештини, да гледаат филмови, да запознаат професионалци од филмската индустрија и да воспостават нови меѓународни контакти.
Каде ќе се одржува програмата?
Учесниците ќе присуствуваат на еден од двата партнерски фестивали:
FilmFestival Cottbus – 3–8 ноември 2026 година, Котбус, Германија
European Film Festival SCANORAMA – 11–16 ноември 2026 година, Вилнус, Литванија
За ова издание ќе бидат избрани 12 млади европски новинари кои сакаат да ги развијат своите вештини и да стекнат искуство во известувањето за културни настани, со посебен фокус на филмот.
Краен рок за пријавување е 18 септември 2026 година.
Избраните учесници ќе бидат известени до крајот на октомври 2026 година.
Повеќе информации за повикот и начинот на аплицирање можете да најдете на веб странициата на MIOB: