Отворен е повикот за приклучување кон идната Европска мрежа на кафе-куќи (Network of European Café Houses), иницијатива што се реализира во рамките на проектот „CAFE – Redefining Café Houses as Unique European Cultural Heritage“, кофинансиран од програмата „Креативна Европа“.
Проектот CAFE го координира „Hadik Coffee House“ (Унгарија), а се реализира во партнерство со ECCOM (Италија), ZRC SAZU (Словенија) и KEA European Affairs (Белгија), со кофинансирање од програмата „Креативна Европа“.
Повикот е наменет за кафе-куќи и други угостителски простори со културна програма од цела Европа, кои преку својата работа придонесуваат за уметничко творештво, културна размена, дијалог и активно учество на локалната заедница.
Повикот е наменет за:
• историски и литературни кафе-куќи;
• кафе-простори со редовна културна програма;
• кафулиња поврзани со книжарници, галерии, театри, концертни сали, културни центри или простори на заедницата;
• независни угостителски простори што организираат уметнички, образовни, општествени или граѓански активности;
• нови културни простори кои сакаат дополнително да ја развијат својата културна улога.
Не е потребно апликантите да бидат големи институции. Особено се охрабруваат да аплицираат простори кои се тесно поврзани со својата локална заедница, се заинтересирани за меѓународна соработка и ја препознаваат улогата на кафе-куќите како места за културен и општествен живот.
Избраните учесници ќе станат дел од Европската мрежа на кафе-куќи и ќе добијат можности за меѓународно вмрежување, размена на добри практики, пристап до ресурси за обука и резултати од истражувања, како и покана за завршната конференција на проектот во Будимпешта.
Заинтересираните кафе-куќи и културни простори можат да аплицираат најдоцна до 30 август 2026 година.
Повеќе информации за повикот и формуларот за аплицирање се достапни на официјалната веб-страница на проектот.
https://networkofeuropeancafehouses.com/whats-new/join-the-network-of-e…