MOVIDA отвори повик за мултидисциплинарни тимови

By lidija , 13 Јули, 2026
MOVIDA отвори повик за мултидисциплинарни тимови што ги поврзуваат танцот и новите технологии

Европскиот проект MOVIDA – Movement and Virtual Intelligence for the Development and Accessibility of Artists and Audiences отвори повик за избор на 16 мултидисциплинарни тимови од двајца професионалци – едниот член со професионална практика во современ танц или изведувачки уметности, а другиот со искуство во технологија и нејзина примена во креативни процеси.

Кофинансиран од програмата Креативна Европа, MOVIDA ќе се реализира во периодот 2026 – 2029 година и претставува продолжение на проектот MODINA. Иницијативата ги истражува можностите што ги нудат вештачката интелигенција (AI), виртуелната реалност (VR), проширената реалност (AR) и роботиката за унапредување на современиот танц, привлекување нова публика и подобрување на пристапноста до уметноста. На повикот имаат можност да учествуваат кандидати од земјите учеснички во програмата Креативна Европа.

Повикот е наменет за мултидисциплинарни тимови од двајца професионалци кои имаат интерес да развиваат нови уметнички пристапи преку поврзување на телото, движењето и технологијата. Од кандидатите се очекува искуство или интерес за интегрирање технологии во уметничка практика, особено во области како креативна употреба на вештачка интелигенција, интеракција со публика и дигитални форми на изразување.

Избраните мултидисциплинарни двојки ќе учествуваат во една од четирите меѓународни лаборатории, во зависност од темата за која аплицирале:

  • Вештачка интелигенција, пристапност и танц – Букурешт, Романија (3 – 11 декември 2026 година)
  • AI, AR/VR и кореографско создавање – Дизелдорф, Германија (13 – 21 јануари 2027 година)
  • AI, роботика и танц – Лисабон и Монтемор-о-Ново, Португалија (1 – 9 февруари 2027 година)
  • AI, ментално здравје и танц – Талин, Естонија (3 – 11 февруари 2027 година) 

Секоја лабораторија ќе трае девет дена и ќе комбинира специјализирани обуки, менторство, заедничка работа и развој на уметнички идеи. Учесниците ќе имаат пристап до мастерс-класови со меѓународни експерти, студиски простори, техничка опрема и уметничка поддршка.

Поддршката за избраните мултидисциплинарни тимови од двајца професионалци вклучува: 

  • хонорар од 1 200 евра за секој учесник;
  • продукциски буџет до 500 евра за мултидисциплинарниот тим;
  • патување и сместување;
  • документација и промоција на развиените проекти;
  • можност за понатамошно учество во резиденции на MOVIDA во 2027 и 2028 година.

     

Кандидатите ќе бидат избирани според квалитетот на уметничката идеја, релевантноста на истражувањето, професионалното искуство, мотивацијата, потенцијалот за меѓународен развој и достапноста за учество во сите фази од програмата.

За пријавување, кандидатите треба да достават:

  • уметничка изјава (PDF, до две страници);
  • биографии на двајцата кандидати од мултидисциплинарниот тим;
  • портфолио и линкови до претходни дела.

     

Рокот за аплицирање е 3 август 2026 година.

Со поврзување на современиот танц и најновите технологии, MOVIDA создава простор за нови форми на уметничко истражување, експериментирање и меѓународна соработка.

Повеќе информации за повикот можете да најдете на официјаланта веб страница на проектот MOVIDA, на следниов линк:

https://dancingopportunities.com/open-call-for-movida-labs-on-dance-technology/