ЕУ Коалиција за писменост

By vladimir , 9 Октомври, 2026
Еразмус + отворен повик - ЕУ Коалиција за писменост

Европската комисија ја започна ЕУ Коалицијата за писменост (EU Literacy Coalition), нова европска иницијатива насочена кон унапредување на писменоста и развојот на вештините за читање и пишување низ Европа.

Коалицијата има за цел да ги поврзе клучните чинители од областа на образованието, културата и книжевниот сектор и да поттикне размена на знаења, искуства и добри практики, како и посилна европска соработка во областа на писменоста. 

Отворен повик на ,,Еразмус +“

Во рамките на програмата ,,Еразмус +“ во тек е повикoт за поднесување предлози за формирање конзорциум кој ќе ги спроведува активностите на ЕУ Коалицијата за писменост.

Целта на повикот е да се воспостави четиригодишен Рамковен договор за партнерство (Framework Partnership Agreement – FPA) со еден конзорциум на европски чинители активни во областа на образованието за писменост и читањето. 

Повикот може да биде од особен интерес за организации и институции кои работат во областите на културата, книжевноста, читањето, образованието и развојот на писменоста, вклучително и за организации поддржани преку програмата „Креативна Европа“.

Краен рок за поднесување проектни предлози e 23 ноември 2026 година, 17:00 часот (средно европско време)

Информации за повикoт и условите за аплицирање може да најдете на следниов линк: 

https://erasmus-plus.ec.europa.eu/funding-opportunities/european-literacy-coalition-consortium-fpa-sga?

За ЕУ Коалицијата за писменост

Коалицијата ќе ги обедини:

- училиштата;

- давателите на услуги во областа на образованието и обуката;

- библиотеките и културните организации;

- универзитетите и истражувачките институции;

- организации за писменост, читање и граѓанско општество;

- здруженијата на наставници, ученици и родители;

- јавните институции и носителите на политики;

- други релевантни чинители од областа на културата, образованието и општеството. 

Целта е да се споделуваат знаења и експертиза и да се зајакне соработката во клучни области поврзани со писменоста, меѓу кои раната детска возраст како основа за развој на писменоста, како и обуката и професионалниот развој на професионалците кои работат во областа на писменоста.

Коалицијата опфаќа широк концепт на писменост, вклучувајќи ги читањето и пишувањето, но и дигиталната писменост и способноста за критичко користење на информациите во современото општество. 

Варшавски меморандум

Основачкиот документ на Коалицијата, Варшавскиот меморандум (Warsaw Memorandum), воспоставува заедничко разбирање за писменоста, ги идентификува клучните пречки за развојот на писменоста во различни периоди од животот и ги поставува основите за долгорочната работа на Коалицијата. 

Можности за организациите квалификувани за програмата „Креативна Европа“

ЕУ Коалицијата за писменост создава можности за поголемо поврзување на образованието, културата, книжевноста и читањето.

Оттука, тековниот повик на ,,Еразмус +“  може да биде од интерес за организации од културниот и книжевниот сектор, особено за оние кои работат на промоција на читањето, книжевноста, образованието и развојот на писменоста.

Учеството во иницијативата може да придонесе кон развој на нови партнерства, размена на искуства и знаења и поголема европска соработка во овие области.

Повеќе информации за ЕУ Коалицијата за писменост, нејзините цели, активностите и можностите за вклучување се достапни на следниов линк: https://education.ec.europa.eu/et/education-levels/school-education/european-literacy-coalition.

Дополнителни информации: 

За повеќе информации поврзани со повиците за аплицирање во рамки на програмата ,,Еразмус +“ обратете се до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на Република Северна Македонија.

Веб страница:  https://na.org.mk/