Еуродрам 2026: од 27 октомври до 1 ноември во Скопје

By lidija , 27 Октомври, 2026
Еуродрам 2026: од 27 октомври до 1 ноември во Скопје

Годинава, европската мрежа Еуродрам одбележува 25 години од основањето, а по тој повод, од 27 октомври до 1 ноември, во Скопје ќе се одржи „Неделата на Еуродрам 2026“ (Eurodram Week 2026). Основана во Париз во 2001 година, мрежата ги поврзува драмските автори и преведувачите и ја поттикнува меѓународната размена на нови драмски дела, отворајќи простор за нивно претставување пред различни јазични и културни средини.

Меѓународниот настан ќе обедини драмски автори, преведувачи, театарски професионалци, академици, издавачи и претставници на културни институции од Европа, Централна Азија и Медитеранот. Програмата опфаќа панел-дискусии, работилници за драмски превод, промоции на книги, сценски читања на драмски текстови и театарски претстави, создавајќи простор за професионална размена и запознавање со современата драматургија од различни јазични и културни средини.

Во рамките на програмата, на 29 октомври, од 13:00 до 14:30 часот, во Eвропската куќа во Скопје ќе се одржи панел-сесијата „Драмски текстови преку граници: криза, отпорност и зајакнување“ (Plays Across Borders: Crisis, Resilience and Empowerment). Панелот ќе отвори дискусијата за улогата на драматургијата и преводот во време на кризи, како и за нивниот потенцијал да поттикнат отпорност, културна размена и зајакнување на поединците и заедниците.

Дискусијата ќе ја модерира Елизабет Шустер, координаторка на германскиот комитет на Еуродрам, а ќе учествуваат претставници на украинскиот, грузискиот, арапскиот и македонскиот театарски и културен сектор. Преку различните професионални искуства и перспективи, панелот ќе отвори простор за разговор за предизвиците со кои се соочуваат драмските автори, преведувачите и културните работници, како и за значењето на преводот и меѓународната соработка во поврзувањето на различните јазични и културни средини.

Панел-сесијата се организира во партнерство со Министерството за култура и туризам и Канцеларијата на Креативна Европа во Скопје. Преку оваа соработка ќе се отвори простор и за осврт на улогата на програмата „Креативна Европа 2021-2027“ во поттикнувањето на меѓународната културна соработка, развојот на партнерства и циркулацијата на европските книжевни и драмски дела, како и за споделување искуства и информации за актуелните можности за поддршка на културните работници и организации во релевантите области.

Целосната програма на „Неделата на Еуродрам 2026“ (Eurodram Week 2026), со распоредот на настаните, учесниците и дополнителните информации, е достапна на официјалната веб-страница на Eуродрам:

https://eurodram.org/wp-content/uploads/2026/10/programa-web-printable.pdf