Меѓународното жири составено од независни експерти ги објави 25-те проекти кои влегоа во потесен избор за првото издание на наградата „Симон Вејл“ (Simone Veil Prize). Проектите се издвојуваат по својот квалитет и придонесот кон афирмацијата на еврејското културно наследство како основа за поттикнување дијалог, инклузија и подлабоко разбирање на заедничката европска историја.
Финалистите се избрани во пет категории: (1) Заеднички истории, (2) Наследство за дијалог, (3) Живо наследство, (4) Прекугранична соработка и заеднички наративи и (5) Новите генерации и вклучувањето на младите.
Во категоријата „Прекугранична соработка и заеднички наративи“ е вклучен проектот „Jewish Digital Library“ (Дигитална еврејска библиотека), во кој учествуваат пет земји: Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Северна Македонија. Со оваа номинација, Северна Македонија има свој претставник меѓу финалистите за наградата.
Петте добитници на Grand Prix, по еден во секоја категорија, ќе бидат прогласени на свечена церемонија на 2 декември во Брисел. Секој од добитниците ќе добие парична награда од 10.000 евра.
За наградата „Симон Вејл“
Наградата „Симон Вејл“ е дел од пошироката политика на Европската Унија за борба против антисемитизмот, расизмот и сите форми на омраза, преку промовирање на инклузивно културно наследство и историска свест. Таа е поврзана со Стратегијата на ЕУ за борба против антисемитизмот и унапредување на еврејскиот живот (2021–2030), како и со европските иницијативи за борба против омразата и промовирање на инклузијата, дијалогот и кохезијата.
Повеќе информации за финалистите и за наградата може да најдете на следниов линк