Во рамките на петтото издание на филмскиот фестивал „Преку езерото“, на 14 јули во Струмица и на 15 јули во Дојран се одржа работилницата „Вештачката интелигенција во филмот и креативните индустрии“, што беше реализирана во соработка со Канцеларијата на Креативна Европа МК.
На овој настан, кој предизвика голем интерес кај филмските професионалци, учествуваа Милош Џукелиќ (режисер и продуцент, Србија), кој порача дека креативците не треба да се плашат од вештачката интелигенција (AI), туку да ја користат како моќна алатка и креативно средство и Момчил Алексиев (визуелен уметник и режисер, Бугарија), кој истакна дека филмот ќе опстане, но работните процеси и професии ќе се трансформираат. Тој направи и практична демонстрација на популарни AI-алатки (како ChatGPT, Midjourney, Runway, ElevenLabs и др.) и нивната примена во продукција, сценарио и монтажа.
На работилницата беа презентирани можностите за финансирање, пред сè, преку потпрограмата МЕДИА и повиците за коразвој, видеоигри и имерзивни содржини, како и лабораториите за иновации на Меѓусекторската потпрограма, кои поддржуваат и проекти со интегрирана вештачка интелигенција (AI), како и обуки за професионално усовршување.
По двата интензивни работни дена, се дојде до заклучокот дека иднината на аудиовизуелниот сектор зависи од приспособувањето кон новите технологии и интердисциплинарната соработка меѓу филмските автори, програмерите и експертите и дека прифаќањето на новите технолошки текови е клучно за развојот на регионалната и на меѓународната кинематографија.