Отворен повик за учество на MIPCOM 2026

By vladimir , 22 Јули, 2026
Отворен повик за учество на штандот на Креативна Европа МЕДИА на MIPCOM 2026
Отворен повик за учество на штандот на Креативна Европа МЕДИА на MIPCOM 2026

Рок за пријавување: 21 август 2026 година

Отворен е повикот за учество на заедничкиот штанд на „Креативна Европа МЕДИА“ на „MIPCOM 2026“, еден од најголемите светски пазари за телевизиски и аудиовизуелни содржини. Настанот ќе се одржи од 12 до 15 октомври 2026 година во Кан, Франција, и ќе им овозможи на европските професионалци од аудиовизуелниот сектор да ги претстават своите компании и проекти, да воспостават нови деловни контакти и да развијат меѓународни партнерства.

MIPCOM секоја година собира повеќе од 13 000 професионалци, околу 2 000 компании изложувачи и над 4 500 купувачи од речиси 100 земји. Во текот на четирите дена се одржуваат деловни состаноци, презентации, проекции и конференции, што го прави настанот една од најзначајните светски платформи за развој на меѓународна соработка и дистрибуција на аудиовизуелни содржини.

Повикот е наменет за независни продуценти, дистрибутери, продажни агенти, радиодифузери, технолошки компании и други професионалци кои работат во аудиовизуелниот сектор. Право на пријавување имаат и компании и професионалци од Северна Македонија, како земја учесничка во потпрограмата МЕДИА на програмата Креативна Европа.

Избраните учесници ќе имаат пристап до заедничкиот штанд на „Креативна Европа МЕДИА“, каде што ќе можат да организираат деловни состаноци и да се поврзат со радиодифузери, купувачи, продуценти, дистрибутери, продажни агенти и други претставници на меѓународната аудиовизуелна индустрија.

Учеството на штандот вклучува:

– пристап до наменски простории за деловни состаноци;

– акредитација за MIPCOM по повластена цена од 895 евра (без ДДВ);

– учество на работилници и информативни сесии за купувачи;

– промоција преку онлајн каталогот на учесниците на штандот;

– советодавна поддршка за учесници што првпат присуствуваат на MIPCOM;

– логистичка поддршка на самиот штанд;

– простор за складирање промотивни материјали;

– кафе-бар и можности за неформално вмрежување.

Организаторите особено ги охрабруваат пријавите од компании што за првпат ќе учествуваат на MIPCOM, како и од земјите со низок аудиовизуелен капацитет (Low Audiovisual Capacity Countries), меѓу кои е и Северна Македонија.

Рокот за поднесување на пријавите е 21 август 2026 година.

https://media-umbrella-stands.eu/markets/mipcom#registration