Отворен повик за „EAVE Producers Workshop 2027“

By lidija , 7 Август, 2026
Отворен повик за „EAVE Producers Workshop 2027“

Отворен е повикот за учество во „EAVE Producers Workshop 2027“, едногодишна европска програма за професионален развој на продуценти од областа на играниот филм, документарниот филм и телевизиските серии.

Програмата ја организира EAVE – European Audiovisual Entrepreneurs, една од водечките европски организации за обука и развој на продуценти, а е поддржана од програмата „Креативна Европа – MЕДИА“.

Програмата е наменета за продуценти кои веќе се активни во филмската и во телевизиската индустрија и кои сакаат да го зајакнат своето меѓународно искуство, да ги унапредат знаењата за европска и за меѓународна копродукција и да изградат нови професионални контакти.
Повикот е отворен и за професионалци од сродни области на аудиовизуелниот сектор, вклучувајќи експерти од областа на финансирање, правни услуги, филмски фестивали и пазари, како и други сегменти поврзани со продукцијата.

Секоја година се избираат 56 учесници од европски и од други земји, кои учествуваат во три интензивни еднонеделни работилници. Дел од учесниците работат со конкретен проект во развој, додека другите се фокусираат на развојот на своите продукциски компании и професионални кариери.

Во рамките на работилниците, учесниците работат со искусни продуценти и меѓународни експерти на теми поврзани со:
•    развој и анализа на сценарија;
•    развој на филмски и телевизиски проекти;
•    финансирање на продукција;
•    правни аспекти на европска копродукција;
•    маркетинг и стратегии за претставување проекти;
•    презентирање проекти (pitching) и подготовка за меѓународниот пазар.

Завршната работилница овозможува средби со околу 50 меѓународни професионалци („Future Partners“) – претставници на фондови, инвеститори, продажни агенти, фестивали, телевизии и други клучни чинители од европската аудиовизуелна индустрија. Ова претставува можност учесниците да ги претстават своите проекти, компании и професионални планови пред потенцијални партнери.

По завршувањето на програмата, учесниците стануваат дел од меѓународната мрежа на EAVE-алумни, која обединува активни продуценти од Европа и пошироко и овозможува понатамошно професионално поврзување и соработка.

Работилниците ќе се одржат во следните периоди:
•    5 – 12 март 2027 година – Луксембург;
•    јуни 2027 година – локацијата и датумите дополнително ќе бидат објавени;
•    октомври/ноември 2027 година – Хелсинки, Финска.

Интервјуата со кандидатите што се претходно селектирани ќе се одржат наесен, а конечната селекција ќе биде објавена во декември 2026 година.

Котизација и можности за стипендии

Учеството во програмата вклучува трошоци поврзани со реализацијата на работилниците и програмските активности. Заинтересираните кандидати треба да ги проверат деталните информации за условите и надоместоците за учество на официјалната веб-страница на EAVE.

За учесници од одредени земји, меѓу кои и Северна Македонија, постојат можности за стипендии и финансиска поддршка со цел олеснување на учеството во програмата.

Рок за аплицирање и начин на пријавување

Кандидатите може да аплицираат за учество во „EAVE Producers Workshop 2027“ најдоцна до 17 август 2026 година.

Апликацијата се поднесува преку онлајн формуларот достапен на официјалната веб-страница на EAVE – European Audiovisual Entrepreneurs.

По завршувањето на рокот, апликациите ќе бидат разгледани од комисија за селекција, а избраните кандидати ќе бидат контактирани во рамките на процесот на селекција.

Информации за условите за учество, апликацијата и за сите дополнителни детали се достапни на официјалната веб-страница на програмата „EAVE – European Audiovisual Entrepreneurs“: 

https://eave.org/programmes/eave-producers-workshop-2027