Eureka Series 2027 – Отворени повик за обука за сценаристи во развој

By vladimir , 9 Октомври, 2026
Рок за пријавување: 2 ноември 2026 год.

Eureka Series, меѓународна програма за обука на сценаристи во развој, го отвори повикот за своето издание во 2027 година. Програмата е наменета за сценаристи кои сакаат да ги унапредат своите вештини за пишување и развој на серии, да се запознаат со начинот на работа во професионален writers’ room и да воспостават контакти со сценаристи, продуценти и други професионалци од европската аудиовизуелна индустрија.

Обуката ќе се одржи од 16 февруари до 26 март 2027 година во Лил, Франција, во вкупно времетраење од 25 дена, односно 175 часа. Програмата е поделена на две фази и комбинира практична работа, работилници, менторство и директен контакт со професионалниот сектор.

  • Во првата фаза, која ќе трае од 16 февруари до 12 март, учесниците ќе се посветат на развојот и пишувањето серии преку предавања, практични вежби и работа во различни сценаристички тимови. Ќе се обработуваат теми поврзани со драматургијата на сериите, развојот и изборот на идеи, градењето ликови и конфликти, дефинирањето на темите, структурата на сезоната и развојот на пилот-епизода.

Особен акцент е ставен на практичното и колаборативното учење. Учесниците ќе имаат можност да искусат како функционира writers’ room, да работат во тим и да учествуваат во креативни дискусии и процеси на развој на серија.

  • Втората фаза, од 16 до 26 март, ќе се одвива во рамки на Series Mania и е посветена на професионалната интеграција. Учесниците ќе имаат пристап до Creative Bazaar, каде што ќе следат работилници и сесии посветени на актуелни теми во индустријата, како употребата на вештачката интелигенција во пишувањето и одржливоста во создавањето содржини.

Програмата вклучува и учество на Series Mania Forum, каде што учесниците ќе можат да следат панели за актуелните трендови и предизвици во телевизискиот сектор, како и да остварат директни контакти со продуценти, програмски уредници, сценаристи и други професионалци. Ќе имаат можност да присуствуваат и на ексклузивни сесии и да се запознаат со нови автори, формати и проекти од меѓународната продукција на серии.

Учесниците ќе бидат вклучени и во листата Talents to Watch, со можност за дополнителна видливост преку платформата SeriesMania+.

Кој може да аплицира?

Можат да аплицираат кандидати кои веќе имаат напишано најмалку едно сценарио за телевизиска серија, веб-серија, краткометражен или долгометражен филм или анимација, без разлика дали делото е продуцирано.

Програмата е наменета за сценаристи во развој кои сакаат да направат следен чекор во својата кариера, да стекнат практично искуство во работа во writers’ room и да се поврзат со европската индустрија на серии.

Котизација и стипендии.

Котизацијата за учество во Eureka Series 2027 изнесува 1.800 евра со вклучен ДДВ.

Во котизацијата се вклучени обуката и акредитацијата за Series Mania Forum, додека патувањето до Лил, сместувањето и дневните трошоци не се вклучени.

За кандидатите е достапна и можност за делумна стипендија до 750 евра, наменета за покривање на дел од котизацијата. Стипендиите се доделуваат според финансиската состојба на кандидатот и животниот стандард во земјата од која доаѓа.

Кандидатите кои аплицираат за стипендија треба да го наведат тоа директно во апликацискиот формулар.

Eureka Series не е само обука за пишување сценарио, туку можност за директно запознавање со начинот на функционирање на европската индустрија на серии. Преку практична работа, тимска соработка и професионално вмрежување, учесниците можат да ја развијат сопствената сценаристичка практика и да воспостават контакти со професионалци од различни земји.

За сценаристите од Северна Македонија, програмата претставува можност за стекнување меѓународно искуство и поврзување со европскиот аудиовизуелен сектор.

Краен рок за пријавување: 2 ноември 2026 година

Повеќе информации за повикот и начинот за пријавување може да најдете на официјалната веб  страница на Eureka Serie: https://seriesmania.com/institute/en/program/eureka-series/