EURODOC, меѓународната програма за професионална обука во областа на креативната документарна продукција, го отвори повикот за својата годишна програма за 2027 година.
Програмата, која оваа година одбележува 25 години активност, е наменета за продуценти од целиот свет кои сакаат да ги развијат своите документарни проекти, да ги унапредат знаењата за меѓународна копродукција и финансирање и да ја прошират својата професионална мрежа. EURODOC денес обединува повеќе од 1.800 членови од 80 земји.
Програмата EURODOC 2027
Програмата ќе се одвива во период од март до октомври 2027 година и опфаќа три интензивни еднонеделни резиденцијални сесии, дополнети со онлајн активности, вебинари и менторство. Вкупната програма опфаќа околу 150 часа работа.
Првата сесија, посветена на развојот на документарните проекти, ќе се одржи во Рејкјавик, Исланд – 7 до 13 март 2027 година, во партнерство со Icelandic Film Center.
Втората сесија ќе биде посветена на копродукција, финансирање и подготовка на проектни и продажни пакети (packaging), ќе се одржи во Вилнус, Литванија – 6 до 12 јуни 2027 година, во партнерство со Lithuanian Film Center.
Програмата ќе заврши со третата сесија, посветена на средби со носители на одлуки и професионалци од филмската индустрија која ќе се одржи во Будимпешта, Унгарија – 3 до 9 октомври 2027 година, во партнерство со MADOKE и National Film Institute Hungary.
Помеѓу сесиите се предвидени и онлајн активности, вклучувајќи вебинари, работилници и индивидуални консултации, како и дополнителни менторски средби.
Датумите и локациите може да претрпат промени во текот на процесот на селекција.
Што овозможува програмата EURODOC?
Програмата комбинира работа во мали групи, менторство, консултации со искусни експерти, мастер-класови, анализа на студии на случај и индивидуални средби со професионалци од индустријата.
Учесниците ќе работат на развојот на своите проекти, финансирање, меѓународна копродукција, буџетирање, авторски и архивски права, продукција, маркетинг, продажба, дистрибуција и развој на публика.
Посебен акцент се става и на одржливата продукција, разновидноста и инклузивноста, етичките аспекти на документарниот филм и одговорната употреба на алатките за вештачка интелигенција.
Работен јазик на програмата е англискиот, чие целосно познавање е задолжително. Во одредени групни активности се користат и францускиот и шпанскиот јазик.
Кој може да аплицира?
Повикот е отворен за продуценти од целиот свет и тоа:
продуценти кои развиваат документарен проект;
искусни продуценти кои сакаат да ја прошират својата меѓународна мрежа и да ги унапредат своите професионални вештини;
продуценти без конкретен проект кои сакаат да инвестираат во својот професионален развој;
професионалци од документарната индустрија – како уредници и извршни продуценти од телевизиски канали, претставници на филмски фондови и други институции кои финансираат документарен филм.
Секоја година се избираат до 40 учесници. EURODOC предвидува баланс меѓу европските и неевропските кандидати, а особено внимание се посветува на професионалната траекторија, мотивацијата, креативниот квалитет и меѓународниот потенцијал на проектите, како и на различноста и застапеноста на недоволно застапени групи.
Какви проекти се селектираат?
EURODOC е фокусиран на креативни документарни проекти со високи уметнички стандарди и силен меѓународен потенцијал.
Нема ограничување во однос на жанрот. Може да се пријават различни видови документарни проекти, вклучително:
филмски есеи;
истражувачки документарци;
авторски и first-person документарци;
документарци базирани на архивски материјали;
анимирани документарци;
долгометражни документарни филмови;
документарни серии.
Проектот може да биде во рана или подоцнежна фаза на развој, но мора да има веќе ангажиран режисер, кој е различна личност од продуцентот што аплицира.
Задолжително е пријавата да содржи и визуелен, веќе снимен материјал од проектот.
Проектот не треба да биде целосно финансиран до октомври 2027 година, но истовремено треба да биде доволно развиен за да може да биде презентиран пред професионалци и носители на одлуки во текот на третата сесија.
Повикот на EURODOC не е ограничен на земји-партнери или на земји од Европската Унија. Програмата е наменета за продуценти од целиот свет, а во селекцијата се предвидува учество на кандидати од различни европски и неевропски земји.
Официјалниот повик предвидува 70% од учесниците да бидат жители на Европа или на земји учеснички во Creative Europe, додека 30% се наменети за жители надвор од Европа. Дополнително, 10% од учесниците се предвидени да доаѓаат од земји со низок аудиовизуелен продукциски капацитет.
Колку чини учеството?
Просечниот вкупен трошок за целата програма изнесува:
7.000 евра за учесници од земји кои учествуваат во Креативна Европа МЕДИА и не се категоризирани како земји со низок продукциски капацитет;
5.500 евра за учесници од земји надвор од Европа или од земји учеснички во Креативна Европа МЕДИА кои се категоризирани како земји со низок продукциски капацитет.
Во овие износи се вклучени школарината и резиденцијалните трошоци за трите сесии. Патните трошоци до трите локации не се вклучени и се на товар на учесниците.
Стипендии:
За кандидатите од средини со ограничени можности за финансирање, EURODOC предвидува и стипендии. Програмата секоја година доделува стипендии на повеќе од една третина од учесниците, кои може да покриваат школарина и/или трошоци за сместување, во зависност од индивидуалната финансиска состојба и земјата на потекло. Кандидатите кои имаат потреба од финансиска поддршка се охрабруваат да ја наведат оваа потреба уште во процесот на пријавување.
Што треба да содржи пријавата?
За продуцентите кои аплицираат со проект, пријавата треба да содржи, меѓу другото:
наслов и основни информации за проектот;
logline и синопсис;
режисерска експликација;
буџет и план за финансирање;
продукциска стратегија;
биографија и филмографија на режисерот;
биографија и филмографија на продуцентот;
профил на продукциската компанија;
линкови до претходни филмови;
визуелен материјал, trailer/teaser или примероци од проектот, до 10 минути;
кратко видео или писмо со мотивација за учество во EURODOC.
Пријавата се поднесува на англиски јазик, во еден PDF документ, со максимум 15 страници и големина до 10 MB.
Кандидатите кои аплицираат за професионален развој без конкретен проект, треба да достават: биографија, профил на продукциската компанија, линкови до претходни филмови и кратко видео со мотивација.
Краен рок за пријавување: 23 ноември 2026 година до полноќ (средноевропско време).
Пријавувањето се врши онлајн преку официјалната платформа на EURODOC:
https://project-eurodoc.festicine.fr/annual-training-2
Повеќе информации за повикот може да најдет ево официјланиот документ за повикот на EURODOC: https://up.festicine.pro/eurodoc/2026/call-2027.pdf
EURODOC е поддржан од Creative Europe, Centre national du cinéma et de l'image animée, PROCIREP и европските партнери кои ги организираат сесиите во 2027 година.