Програмата „Креативна Европа“, преку Меѓусекторската компонента, обезбедува 3 милиони евра за поддршка на европскиот механизам за брза реакција наменет за заштита на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите (News - Media Freedom Rapid Response Mechanism).
Цели и приоритети на повикот
Повикот „News – Media Freedom Rapid Response Mechanism“ има за цел да ја зајакне заштитата на слободата и плурализмот на медиумите и безбедноста на новинарите во Европа преку воспоставување и управување со европски механизам за брза реакција.
Посебен акцент се става на обезбедувањето практична и правна поддршка за новинарите и другите медиумски професионалци кои се соочуваат со закани, притисоци или други форми на загрозување при извршувањето на својата професионална дејност, како и на систематското следење на повредите на слободата на медиумите.
Во таа насока, повикот е насочен кон:
- Заштита на новинарите и медиумските професионалци изложени на ризик преку навремена и конкретна помош.
- Следење и документирање на повредите на слободата на печатот и медиумите, со цел рано идентификување на ризиците.
- Обезбедување веродостојни информации за јавноста и европските институции за состојбата со слободата и плурализмот на медиумите.
- Подигање на јавната свест и промовирање на безбедноста на новинарите и важноста на слободните и независни медиуми.
Активности што треба да бидат опфатени со проектите
Предлог-проектите треба да придонесат кон остварување на целите на повикот преку активности како што се:
- Воспоставување и управување со европски механизам за брза реакција што ќе обезбедува поддршка за новинарите во ризик и ќе придонесува кон заштита на слободата на медиумите.
- Обезбедување правна и практична помош за новинари и други медиумски професионалци, вклучително и правно советување, безбедно сместување, логистичка и, кога е потребно, финансиска поддршка.
- Организирање мисии за застапување и поддршка во средини каде што новинарите се изложени на закани, со цел да се укаже на нивната положба и да се поттикнат соодветни реакции.
- Систематско следење и документирање на повредите на слободата на медиумите во земјите членки на Европската Унија, земјите учеснички во програмата „Креативна Европа“ и земјите кандидатки за членство во ЕУ.
- Објавување предупредувања и подготовка на редовни извештаи преку специјализирана онлајн-платформа, со информации за регистрираните инциденти, ризиците и главните трендови.
- Спроведување кампањи и активности за комуникација и информирање за подигање на јавната свест за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите.
- Следење и евалуација на проектните активности и ширење на резултатите од спроведените иницијативи.
Очекувани резултати
Од спроведувањето на проектите се очекува воспоставување функционален механизам за брза реакција на европско ниво, подобар пристап до правна и практична помош за новинарите изложени на ризик и поефикасно документирање на повредите на слободата на медиумите.
Дополнително, проектите треба да придонесат кон подобра информираност на јавноста и европските институции, рано препознавање на заканите и ризиците, како и поголема видливост на проблемите поврзани со слободата и плурализмот на медиумите во Европа.
Кој може да аплицира?
Право на учество имаат конзорциуми составени од најмалку две независни организации од две различни квалификувани земји. Двете организации мора да бидат апликанти во својство на корисници на грантот, а не само поврзани субјекти.
Можат да учествуваат следните категории организации:
- Непрофитни организации од јавниот или приватниот сектор;
- Меѓународни организации;
- Универзитети;
- Образовни установи;
- Истражувачки центри.
Апликантите и поврзаните субјекти, по правило, мора да бидат правни лица основани во земјите учеснички во програмата „Креативна Европа“. За меѓународните организации важат посебни правила во однос на географската подобност. Физичките лица не можат да аплицираат самостојно за грант.
Предложените проекти треба да бидат усогласени со целите и приоритетите на повикот и да покажат дека организациите располагаат со потребното искуство, стручност и ресурси за спроведување на планираните активности.
При оценувањето ќе се земат предвид релевантноста на проектот и неговиот придонес кон целите на повикот, квалитетот на предложените активности и методологијата, управувањето со проектот и оправданоста на предвидените трошоци, како и очекуваното влијание и ширењето на резултатите. За да бидат земени предвид за финансирање, проектните предлози треба да освојат најмалку 70 од вкупно 100 поени.
Финансиска поддршка и времетраење
Европската Унија ќе ги кофинансира проектите со стапка од 90% од квалификуваните трошоци, во согласност со правилата утврдени во договорот за грант.
Во повикот не е утврден фиксен максимален износ на грантот по проект. Конечниот износ на финансиската поддршка ќе зависи од предложениот буџет, квалификуваните трошоци и резултатите од евалуацијата.
Проектите вообичаено не треба да траат подолго од 24 месеци. Продолжување е можно во оправдани случаи, согласно условите на договорот за грант.
Предвидена е и можност за финансиска поддршка на трети лица, во рамки на проектите и под услови јасно дефинирани во апликацијата. Таа може да биде наменета за:
- Директна поддршка на новинари кои се соочуваат со закани, вклучително и трошоци за безбедност и правна помош;
- Ад хок поддршка на невладини организации активни во областа на слободата на медиумите и безбедноста на новинарството.
Максималниот износ на финансиската поддршка за трето лице е 60.000 евра.
Краен рок за аплицирање: 27 јануари 2027 година, до 17:00 часот по средноевропско време
Регистрација на организации - Participant Register
За да поднесат проектен предлог, организациите мора да имаат креирано EU Login корисничка сметка и да бидат регистрирани во Регистарот на учесници (Participant Register) на порталот на Европската комисија за финансирање и тендери:https://ec.europa.eu/info/funding-tenders/opportunities/portal/screen/how-to-participate/participant-register
По завршувањето на регистрацијата, секоја организација добива деветцифрен идентификациски број PIC (Participant Identification Code), кој е задолжителен при поднесувањето на апликацијата заради проверка и потврдување на правниот статус.
Начин на поднесување на апликациите:
Проектните предлози се поднесуваат исклучиво електронски преку порталот на Европската комисија за финансирање и тендери (EU Funding & Tenders Portal). Апликацијата треба да ги содржи сите задолжителни информации и делови предвидени во системот за електронско поднесување.
Официјални линкови за повикот:
Официјалната документација за повикот може да го превземете на следниов линк: https://ec.europa.eu/info/funding-tenders/opportunities/docs/2021-2027/crea/wp-call/2027/call-fiche_crea-cross-2027-mfp_en.pdf
За поднесување на проектниот предлог, посетете го порталот на Европската комисија за финансирање и тендери:
Напомена: Повикот е објавен врз основа на работната програма за 2027 година, но неговата реализација зависи од конечното усвојување на буџетот на Европската Унија за 2027 година.
Информативна сесија
Извршната агенција за образование и култура на Европската Унија (EACEA), организира онлајн-информативна сесија посветена на повикот „ News - Media Freedom Rapid Response Mechanism“.
Сесијата ќе се одржи на 5 ноември 2026 година, од 14:00–16:00 часот по средноевропско време .
За повеќе информации и регистрација за учество посетете ја следната веб страница: https://www.eacea.ec.europa.eu/news-events/events/online-info-sessions-creative-europe-media-and-cross-sectoral-2027-2026-10-12_en