Отворен повик - Новинарски партнерства 2027 (CREA-CROSS-2027-JOURPART)

By lidija , 26 Октомври, 2026
Отворен повик - Новинарски партнерства 2027 (CREA-CROSS-2027-JOURPART)

Повикот за предлози „Новинарски партнерства 2027“, кој е дел од Меѓусекторската потпрограма на „Креативна Европа“, предвидува проценет буџет од 14 милиони евра за поддршка на слободата и плурализмот на медиумите. Иницијативата има за цел да ја зајакне соработката меѓу организациите во секторот, да го промовира прекуграничното новинарство, да развива дигитални вештини и да поттикне создавање висококвалитетни новинарски содржини.

Повикот е организиран во рамките на две акции: „Соработки“ (Collaborations) и „Плурализам“ (Pluralism). Двете акции имаат максимално времетраење од 24 месеци, но се разликуваат во однос на условите за учество, стапките на кофинансирање и конкретните цели.

Повикот „Новинарски партнерства 2027“ претставува можност за медиумските организации и другите релевантни чинители да воспостават европски партнерства, да развијат иновативни решенија и да придонесат кон поодржлив, поразновиден и понезависен медиумски простор.

  1. Новинарски партнерства – Соработки (Collaborations)

Оваа иницијатива има за цел да поддржи заеднички проекти што придонесуваат за одржливоста и отпорноста на европскиот новински сектор, вклучително и на помалите медиуми.

Предлозите треба да бидат поднесени од конзорциуми составени од најмалку три партнери од три земји учеснички во програмата „Креативна Европа“. Во партнерствата можат да учествуваат јавни, приватни или непрофитни медиуми, вклучително и печатени медиуми, дигитални платформи, радија, подкасти и телевизии, како и индустриски здруженија, невладини организации, новинарски фондови и центри за обука на медиумски професионалци.

Кофинансирањето од Европската Унија може да покрие до 80 % од прифатливите трошоци, со максимален износ од 2 милиони евра по проект.

Проектите треба да ја промовираат соработката во рамките на истиот потсектор или меѓу различни новинарски области и формати, придонесувајќи за структурни промени што ќе ја зајакнат способноста на секторот да се приспособи на економските, технолошките промени и промените во навиките за консумирање информации.

Можните приоритети вклучуваат:

- Развивање нови модели за приходи и монетизација.

- Креирање иновативни стратегии за развој на публиката и зајакнување на заедниците.

- Утврдување заеднички професионални или технички стандарди.

- Споделување содржини и податоци меѓу европските медиуми.

- Поддршка на помалите медиуми во нивната дигитална трансформација.

- Подобрување на ефикасноста и квалитетот на новинарското производство.

- Промовирање иновативни модели на соработка.

- Размена на добри практики и оптимизација на работните процеси.

Особено значајни се размената на искуства и оптимизацијата на работните процеси во областите што бараат значителни ресурси и време, како што се истражувачкото новинарство, новинарството засновано на податоци и специјализираното новинарство.

Предлозите може да се фокусираат на еден или повеќе приоритети, под услов да бидат поткрепени со темелна анализа на потребите на соодветниот потсектор. Анализата треба да ги идентификува главните предизвици и да покаже како планираните активности ќе придонесат за нивно надминување.

Проектите треба да се фокусираат на активности што се спроведуваат во земјите учеснички во програмата „Креативна Европа“.

  1. Новинарски партнерства – Плурализам (Pluralism)

Оваа иницијатива има за цел да ја зајакне разновидноста и независноста на медиумите, особено во секторите што се важни за демократијата и граѓанското учество, но се соочуваат со тешкотии при приспособувањето кон дигиталната средина.

Намалувањето на бројот на вработени во редакциите и појавата на таканаречени медиумски пустини можат да го загрозат пристапот на граѓаните до независни информации од јавен интерес.

Во овој контекст, иницијативата има за цел да ја зајакне отпорноста на новинските организации, да ги поддржи новинарите во одржувањето на сопствените и оригинални извори на информации и да придонесе за поразновиден и поодржлив медиумски сектор.

Апликации може да поднесат една организација или конзорциум. Европското кофинансирање може да покрие до 90 % од прифатливите трошоци, со максимален износ од 2,5 милиони евра по проект.

Предлозите треба да вклучуваат механизми за прераспределба на финансиски средства кон трети страни, наменети за поддршка на медиумски субјекти и иницијативи за независно новинарство. Најмалку 60 % од вкупниот износ на грантот треба да се насочат кон оваа поддршка.

Проект предлозите може да вклучуваат и дополнителни активности, како што се:

- Обуки.

- Развивање стандарди.

- Советодавни услуги.

- Создавање индикатори за евалуација.

- Изработка на бази на знаење и ресурси за споделување информации.

Фокусот треба да биде на медиумските сектори кои имаат особено значење за демократијата, јавната дебата и граѓанското учество, при што приоритет треба да им се даде на придобивките за заедниците, наместо на исклучиво профитно ориентираниот пристап.

Приоритетните сектори вклучуваат:

- Локални и регионални медиуми.

- Независно и истражувачко новинарство.

- Организации што создаваат вести од јавен интерес или обезбедуваат услуги од јавен интерес.

- Особено, иницијативи за заедничко, правно и граѓанско новинарство.

- Проекти што придонесуваат за зголемување на транспарентноста на медиумите.

Рок за поднесување на апликациите:

Крајниот рок за поднесување на апликациите за двете акции е 4 февруари 2027 година, 17 часот по средноевропсков време.

Регистрација на организации – Participant Register

За да поднесат проектен предлог, организациите треба да имаат креирано EU Login корисничка сметка и да бидат регистрирани во Регистарот на учесници (Participant Register) на порталот на Европската комисија: https://ec.europa.eu/info/funding-tenders/opportunities/portal/screen/how-to-participate/participant-register

По регистрацијата, организацијата добива деветцифрен идентификациски број PIC (Participant Identification Code), кој се користи при поднесувањето на апликацијата и проверката на правниот статус.

Проектните предлози се поднесуваат електронски преку порталот на Европската комисија за финансирање и тендери (EU Funding & Tenders Portal).

Официјална документација и аплицирање

Целосната документација ги содржи деталните услови за учество, критериумите за подобност, правилата за финансирање и упатствата за подготовка и поднесување на проектните предлози.

1. „Новинарски партнерства - соработка 2027“

- Преземете го официјалниот документ на повикот 

https://ec.europa.eu/info/funding-tenders/opportunities/docs/2021-2027/crea/wp-call/2027/call-fiche_crea-cross-2027-jourpart_en.pdf

Пристапете до порталот EU Funding & Tenders

https://ec.europa.eu/info/funding-tenders/opportunities/portal/screen/opportunities/topic-details/CREA-CROSS-2027-JOURPART-COLLABORATIONS?keywords=Journalism%20Partnership&isExactMatch=true&status=31094501,31094502,31094503&order=DESC&pageNumber=1&pageSize=50&sortBy=startDate

2. „Новинарски партнерства - плурализам 2027“

- Преземете го официјалниот документ на повикот 

https://ec.europa.eu/info/funding-tenders/opportunities/docs/2021-2027/crea/wp-call/2027/call-fiche_crea-cross-2027-jourpart_en.pdf

Пристапете до порталот EU Funding & Tenders

https://ec.europa.eu/info/funding-tenders/opportunities/portal/screen/opportunities/topic-details/CREA-CROSS-2027-JOURPART-PLURALISM?keywords=Journalism%20Partnership&isExactMatch=true&status=31094501,31094502,31094503&order=DESC&pageNumber=1&pageSize=50&sortBy=startDate

Информативна онлајн-сесија

Европската извршна агенција за образование и култура (EACEA) најави онлајн-информативна сесија посветена на повиците за „Новинарски партнерства 2027“.

Датум: 12 ноември 2026 година од 10 до 12 часот ( средноевропско време)

За повеќе информации посетете ја официјалната страница на EACEA: https://www.eacea.ec.europa.eu/news-events/events/online-info-sessions-creative-europe-media-and-cross-sectoral-2027-2026-10-12_en