Повик за медиумска писменост 2027 (CREA-CROSS-2027-MEDIALITERACY)

By lidija , 26 Октомври, 2026
Повик за медиумска писменост 2027 (CREA-CROSS-2027-MEDIALITERACY)

Европската комисија го објави повикот за иновативни проекти за медиумска писменост во рамките на Меѓусекторската потпрограма на „Креативна Европа“ за 2027 година, со вкупен буџет од 3,5 милиони евра. Повикот е насочен кон зајакнување на критичкото размислување на граѓаните, препознавање на дезинформациите и манипулацијата со информации и развивање на отпорноста на европските општества кон странско мешање во информацискиот простор.

Повикот „NEWS – Media Literacy“ (CREA-CROSS-2027-MEDIALITERACY) ја поддржува прекугранична соработка меѓу организации од земјите на „Креативна Европа “, култури и јазични средини, со цел развој и примена на иновативни пристапи за медиумска писменост во услови на брзи промени во дигиталниот медиумски екосистем.

Цели и приоритети

Целта на повикот е да им овозможи на граѓаните подобро да го разберат современиот информациски екосистем, критички да ги оценуваат медиумските содржини и да препознаваат и соодветно да реагираат на дезинформации, манипулативни техники и други ризици во онлајн-средината.

Посебен акцент е ставен на промените во начинот на создавање, дистрибуција и консумирање вести, вклучително и:

- сè поголемата улога на социјалните мрежи и инфлуенсерите во информирањето на јавноста;

- употребата на содржини генерирани со вештачка интелигенција;

- влијанието на алгоритмите и дигиталните платформи врз видливоста и ширењето на информациите;

- потребата од заштита на медиумскиот плурализам, независноста на медиумите и интегритетот на информациите.

Приоритет ќе имаат проекти што одговараат на конкретните потреби на целните групи и земјите во кои се спроведуваат, особено таму каде што постојат предизвици поврзани со нивото на медиумска писменост, изложеноста на дезинформации и заканите за медиумските слободи.

Особено се охрабруваат иницијативи што можат да допрат до поширока публика и до групи кои се недоволно опфатени со постојните програми за медиумска писменост, со фокус на возрасните надвор од формалниот образовен систем.

Кои активности ќе бидат поддржани?

Повикот предвидува поддршка за иновативни и заеднички иницијативи што комбинираат практични алатки, едукација, креативни содржини и активности за подигање на јавната свест.

Поддржаните активности може да опфатат:

- развој и дистрибуција на повеќејазични и мултикултурни содржини и кампањи, вклучително и интерактивни содржини;

- развој и примена на алатки за унапредување на дигиталните и медиумските компетенции;

- обуки, работилници, јавни настани и други иницијативи за конкретни целни групи;

- активности предводени од заедниците за подобрување на пристапот до ресурсите за медиумска писменост;

- поддршка на професионалците за медиумска писменост во приспособувањето на нивните методи кон новите технологии, медиумски формати и навики за информирање.

Проектите може да се реализираат онлајн и со физичко присуство, со посебен акцент на неформалното учење и пристапите што овозможуваат активно учество на граѓаните.

Во спроведувањето на активностите се охрабрува вклучувањето на медиумски професионалци, експерти за справување со дезинформации и информациска манипулација, креатори на содржини, инфлуенсери, гејмери, уметници и други релевантни чинители.

Доколку проектот предвидува користење алатки за вештачка интелигенција, апликацијата треба да содржи и опис на избраната технологија, нејзината намена и трошоци, како и прашањата поврзани со усогласеноста, етиката, безбедноста и управувањето со податоците.

Прекугранична соработка и одржливост на резултатите

Проектите треба да ја надминат соработката во рамките на една земја и да поттикнат размена на знаења и практики меѓу партнери од различни национални, културни и јазични средини.

Од апликантите се очекува да се надоврзат на резултатите од претходни проекти за медиумска писменост, да ги приспособат успешните практики кон нови контексти и да го прошират нивниот досег.

Пред подготовката на проектот треба да се направи анализа на потребите на целните земји и групи, да се идентификуваат постојните иницијативи и да се објасни како предложените активности ќе одговорат на утврдените предизвици.

Се охрабрува и соработката со регионалните центри на Европската опсерваторија за дигитални медиуми (EDMO), со цел споделување добри практики и избегнување преклопување со постојните иницијативи.

Очекуваните резултати треба да придонесат за подобри медиумски компетенции на граѓаните, поширока достапност на ресурсите за медиумска писменост и долгорочно влијание на локално, национално и европско ниво.

Кој може да аплицира?

Право на учество имаат јавни и приватни правни лица, профитни и непрофитни организации, основани во земјите учеснички во програмата „Креативна Европа“. Проектните предлози треба да се поднесат од конзорциум составен од најмалку три независни организации од три различни земји учеснички во програмата. Во партнерството може да учествуваат организации за медиумска писменост, јавни институции, универзитети и образовни установи, медиумски организации, организации што работат на справување со дезинформации, истражувачки и технолошки институции, како и даватели на технолошки решенија.

Апликантите треба да располагаат со соодветен капацитет, искуство и ресурси за спроведување на планираните активности. Пред поднесувањето на проектниот предлог, сите организации вклучени во конзорциумот треба да бидат регистрирани во Регистарот на учесници на Европската комисија Participant Register (https://ec.europa.eu/info/funding-tenders/opportunities/portal/screen/how-to-participate/participant-register) и да поседуваат деветцифрен идентификациски код (PIC). Доколку организацијата веќе е регистрирана, не е потребна повторна регистрација.

Финансиска поддршка

Во рамките на повикот е предвидена финансиска поддршка за проекти што придонесуваат за унапредување на медиумската писменост и зајакнување на отпорноста на граѓаните кон дезинформации. Финансиската поддршка по проект се доделува под следниве услови:

- максимален износ на грантот: 500.000 евра по проект.

- стапка на финансирање од ЕУ: до 70% од прифатливите трошоци.

- времетраење на проектите: до 24 месеци.

Апликантите треба да обезбедат кофинансирање за преостанатиот дел од квалификуваните трошоци. Доделувањето на грантовите ќе зависи од резултатите од евалуацијата на проектните предлози и од расположливиот буџет..

Како ќе се оценуваат проектите?

Проектните предлози ќе се оценуваат според четири главни критериуми, со вкупно 100 можни поени:

- Релевантност – 40 поени: усогласеност со целите и приоритетите на повикот, релевантност на целните групи и земји, иновативност и пристапи за родова рамнотежа, инклузија и разновидност.

- Квалитет на содржината и активностите – 30 поени: квалитет на методологијата, иновативност, соработка, креативност, независност, управување со ризици и исплатливост на активностите.

- Управување со проектот – 10 поени: комплементарност на партнерите, распределба на одговорностите и буџетот, координација и искуство на проектниот тим.

-Дисеминација – 20 поени: споделување на знаењата, преносливост на резултатите и очекуваното влијание на локално, регионално, национално и европско ниво, вклучително и по завршувањето на проектот.

За да бидат земени предвид за финансирање, проектните предлозит треба да освојат најмалку 70 од вкупно 100 поени, а конечниот избор ќе зависи и од расположливиот буџет.

Рок и начин на аплицирање

Крајниот рок за поднесување на апликациите е 20 јануари 2027 година, до 17:00 часот по средноевропско време.

Апликациите се поднесуваат исклучиво електронски преку порталот на Европската комисија за финансирање и тендери (EU Funding & Tenders Portal). Апликациите во хартиена форма не се прифаќаат.

Според индикативниот календар на повикот, евалуацијата ќе се спроведува од февруари до јуни 2027 година, информациите за резултатите се планирани за јули 2027 година, а потпишувањето на договорите за грант за октомври 2027 година.

Корисни линкови за повикот: 

Официјален документ на повикот: https://ec.europa.eu/info/funding-tenders/opportunities/docs/2021-2027/crea/wp-call/2027/call-fiche_crea-cross-2027-medialiteracy_en.pdf

Веб страница на повикот и електронско аплицирање: https://ec.europa.eu/info/funding-tenders/opportunities/portal/screen/opportunities/topic-details/CREA-CROSS-2027-MEDIALITERACY

Дополнителни информации за повикот: https://digital-strategy.ec.europa.eu/en/funding/call-proposals-cross-border-media-literacy-2027

Заинтересираните организации се охрабруваат внимателно да ја разгледаат целосната документација, да ги проверат условите за подобност и навреме да воспостават партнерства со организации од други земји учеснички во програмата.

Повикот претставува можност за развој на одржливи европски партнерства и иновативни решенија што ќе им помогнат на граѓаните да се информираат критички, одговорно и безбедно во дигиталната средина.

Информативна онлајн-сесија 29 октомври 2026 година

Европската извршна агенција за образование и култура (EACEA) организира онлајн-информативна сесија на 29 октомври 2026 година, од 14:00 до 17:00 часот по средно европско време, наменета за претставување на можностите за финансирање и објаснување на постапката за аплицирање.

За учество не е потребна претходна регистрација. Деталите се достапни на официјалната страница на Европската комисија на:

https://www.eacea.ec.europa.eu/news-events/events/online-info-sessions-creative-europe-media-and-cross-sectoral-2027-2026-10-12_en