На 23 јули 2026 година, во рамките на „Beach Film Festival“, на бродот „Армада“ во Охрид се одржа работилницата „Стратегии за планирање филмски фестивал и презентирање пред продажни агенти“, во организација на Канцеларијата на Креативна Европа МК при Министерството за култура и туризам и „Beach Film Festival“.
Преку европското искуство на Ана Хут, членка на Одборот на Европската филмска академија, доцентка на престижната Школа за филм „Кешловски“ (Kieślowski Film School) и официјален оценувач за програмата Креативна Европа МЕДИА, учесниците добија практични насоки за стратешко позиционирање на филмските проекти на меѓународните филмски фестивали, зголемување на можностите за нивна селекција и успешно претставување пред меѓународни продажни агенти и фестивалски селектори во услови на зголемена европска конкуренција.
Исто така, беа презентирани и конкретните механизми за поддршка во рамките на Креативна Европа, потпрограма МЕДИА, со посебен фокус на повиците „Филмски фестивали“ и „Мрежи на филмски фестивали“.
Работилницата овозможи директна дискусија и вмрежување меѓу филмски професионалци, организатори на фестивали, продуценти, претставници на Канцеларијата на Креативна Европа МК и предавачката Ана Хут.