Отворен е повикот за учество во „FRAME Basics 2026“, меѓународна програма за обука посветена на основите на управувањето, зачувувањето и дигитализацијата на аудиовизуелни архиви.
Програмата „FRAME“, која од 2010 година ја организира INA (Institut national de l'audiovisuel) во партнерство со FIAT/IFTA и EBU Academy, е кофинансирана од програмата „Креативна Европа – МЕДИА“ на Европската Унија.
„FRAME Basics 2026“ е наменета за европски и за меѓународни професионалци кои работат во областа на аудиовизуелните архиви со цел да обезбеди основни знаења и практични вештини за зачувување, дигитализација, документација, управување со податоци, пристап и промоција на аудиовизуелни колекции.
Во рамките на обуката ќе бидат опфатени теми поврзани со процесите на архивирање, дигитални формати, стратегии за пристап до содржини, управување со податоци, примена на вештачка интелигенција во аудиовизуелните архиви, како и правни аспекти и авторски права.
Обуката ќе се реализира онлајн, во шест полудневни сесии, во периодот 16 – 18 ноември и 23 – 25 ноември 2026 година. Ќе бидат избрани најмногу 16 учесници.
Котизација за учество
– 600 евра за учесници без стипендија;
– 350 евра за учесници со доделена стипендија.
Стипендии
Стипендиите се доделуваат приоритетно за учесници од одредени земји, меѓу кои и Северна Македонија, како и за кандидати од други земји кои ќе ја образложат потребата од финансиска поддршка.
Заинтересираните кандидати можат да аплицираат со пополнување онлајн формулар најдоцна до 1 октомври 2026 година.
По завршувањето на рокот, комисија за селекција ќе ги разгледа пристигнатите апликации и сите кандидати ќе бидат известени за резултатите.
Повеќе информации за повикот, условите за учество и за начинот на аплицирање се достапни на официјалната веб-страница на програмата „FRAME“:
https://www.ina.fr/actualites-ina/frame-basic-2026