Повик за „Berlinale Talents 2027“ – програма за развој на филмски таленти

By lidija , 7 August, 2026
Отворен е повик за „Berlinale Talents 2027“ – програма за развој на филмски таленти

Отворени е повикот за „Berlinale Talents 2027“, меѓународна програма за развој на филмски таленти, што ќе се одржи од 12 до 17 февруари 2027 година во Берлин, во рамките на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин (Berlinale).

Програмата секоја година собира околу 200 млади филмски автори и професионалци од целиот свет, обезбедувајќи простор за професионално усовршување, размена на искуства и создавање нови меѓународни контакти. Во текот на шестдневната програма, учесниците ќе имаат можност да следат предавања, практични работилници, заеднички работни сесии и средби со искусни професионалци од филмскиот сектор.

Програмата е насочена кон развој на нови идеи, унапредување на вештините, развој на филмски проекти и создавање можности за идна меѓународна соработка.

Кандидатите можат да ја искористат намалената такса за пријавување (Early Bird) до 19 август 2026 година, додека крајниот рок за аплицирање е 2 септември 2026 година.

„Креативна Европа – МЕДИА“ поддржува организации специјализирани за обука и развој на вештини во аудиовизуелниот сектор, кои реализираат активности наменети за професионалци. Активностите поддржани преку линиите за финансирање „Развој на вештини и таленти“ (Skills and Talents Development) и „MEDIA 360°“ вклучуваат и можности за стипендии, особено наменети за професионалци од земји со понизок капацитет за аудиовизуелно производство (Групи А и Б), како и за професионалци од земји каде што постојат ограничени можности за специјализирана обука или нема достапна финансиска поддршка за учество во вакви програми.

„Berlinale Talents“ претставува една од можностите за професионален развој во рамките на европскиот аудиовизуелен сектор и е пример за активност поддржана преку европски иницијативи за развој на знаења и компетенции.

Сите информации за условите за учество, процесот на аплицирање и дополнителните можности за поддршка се достапни на официјалната веб-страница на „Berlinale Talents“: https://www.berlinale-talents.de/bt/page/c/apply

Прашањата поврзани со апликациите, стипендиите и условите за учество треба да се упатат директно до организаторите на програмата.