Отворен повик за „DocCelerator 2026“

By vladimir , 7 September, 2026
Отворен повик за „DocCelerator 2026“ – меѓународна работилница за развој на документарни филмови

Канцеларијата на Креативна Европа при Министерството за култура и туризам, во соработка со Канцелариите на Креативна Европа од Унгарија и Словенија, го објавува повикот за учество во „DocCelerator 2026“, интензивна дводневна меѓународна онлајн работилница наменета за режисери и продуценти со документарни проекти во развој од РС Македонија, Унгарија и Словенија.

Работилницата ќе се одржи на 20 и 21 октомври 2026 година преку платформата Zoom, на англиски јазик. Учеството на работилницата е бесплатно.

Ќе бидат избрани шест проектни тимови – по два од Северна Македонија, Унгарија и Словенија.

Во рамки на заедничката соработка меѓу Канцелариите, на 22 октомври 2026 година е предвидена и онлајн мастер-клас работилница од отворен карактер, посветена на „Развој на публика и дистрибуција на документарни филмови“.

За кого е наменета дводневата работилницата „DocCelerator 2026“  ?

Дводневната он-лајн работилница „DocCelerator 2026“  која ќе се одржи на 21-22 октомври е наменета за режисери и продуценти кои работат на документарни филмови во развој и сакаат да ја унапредат наративната и драматуршката структура на своите проекти, да работат на развојот на ликовите и да ги подготват проектите за понатамошна продукција и меѓународно финансирање.

Учесниците ќе имаат можност:

  • да ја зајакнат наративната структура на својот филм;

  • да го унапредат развојот на ликовите;

  • да препознаат кои аспекти на проектот имаат најголем потенцијал за понатамошен развој;

  • да ја согледаат иднината на својот филм во меѓународен контекст.

Обучувачи

Работилницата ќе ја водат двајца меѓународно искусни професионалци од областа на документарниот филм:

  • Џефри Смит, режисер и двократен добитник на наградата „Еми“, и 

  • Ове Ришој Јенсен, ментор, консултант и продуцент со повеќе од 20 години искуство во меѓународниот документарен сектор.

Начин на аплицирање и потребни документи

Апликантите треба да ја достават следната документација на англиски јазик:

  • синопсис (до половина страница);

  • тритмент – презентација на наративната структура (една страница);

  • линк до трејлер, избрани сцени или друг достапен визуелен материјал;

  • план за продукција;

  • буџет на филмот;

  • контакт-информации за режисерот и продуцентот.

Пријавување

Краен рок: 15 септември 2026 година

Пријавите и потребната документација треба да се достават на: info@ced.mk 

Селекцијата на проектите ќе ја извршат обучувачите Џефри Смит и Ове Ришој Јенсен.

„DocCelerator 2026“ се реализира во рамки на редовните активности на Канцелариите за спроведување на програмата Креативна Европа – МЕДИА, насочени кон градење на капацитетите на аудиовизуелниот сектор, развој на професионалните вештини, поттикнување на меѓународната соработка и поврзување на домашните филмски професионалци со европскиот аудиовизуелен сектор.