2027 година ќе биде последната година од спроведувањето на актуелната програма Креативна Европа 2021-2027. Според Годишната работна програма на Креативна Европа за 2027 година, објавена од Европската Комисија, за оваа година е предвиден буџет од 402 милиони евра кој ќе обезбеди континуитет во спроведувањето на активностите и ќе ги постави темелите за нејзината наследничка, програмата AgoraEU.
Заштитата на културната разновидност и зајакнувањето на конкурентноста на културниот и креативниот сектор и понатаму остануваат општи цели на програмата Креативна Европа.
Во согласност со заедничката декларација „Европа за културата – Култура за Европа“, „Културниот компас за Европа“ и „Европскиот штит за демократија“, програмата ќе придонесува кон заштитата на демократијата, зелената и дигиталната транзиција, како и кон зајакнувањето на социјалната и економската отпорност.
ПОТПРОГРАМА КУЛТУРА
Во рамките на потпрограмата Култура, клучните можности за финансирање како и новите иницијативи за 2027 година вклучуваат:
Европски проекти за соработка
Повикот за европски проекти за соработка, со буџет од 61 милион евра, ќе биде објавен во првиот квартал на 2027 година и ќе опфати проекти од мал, среден и голем обем.
Циркулација на европски книжевни дела
Повикот за циркулација на европски книжевни дела ќе биде објавен во есента 2026 година.
Нови активности во 2027 година
Во 2027 година ќе бидат спроведени повеќе нови активности, меѓу кои:
- активност насочена кон поддршка на земјите од процесот на проширување и земјите од европското соседство поврзани со Креативна Европа (Албанијa, Боснa и Херцеговинa, Црнa Горa, Северна Македонијa, Србија, Ерменија, Грузија, Молдавија, Тунис и Украина). Оваа акција за која е предвиден буџет од 5 милиони евра ќе има две компоненти. Првата ќе се однесува на финансирање на помали проекти на соработка преку систем на каскадни грантови, во кои координаторот доаѓа од една од горенаведените земји, а најмалку еден партнер од земјите на ЕУ или на ЕФТА/ЕЕА кои учествуваат во Креативна Европа. Втората компонента е насочена на јакнење на капацитетите на културните и креативните сектори преку семинари, обуки, вмрежување и други активности наменети за уметници, професионалци, јавни и приватни организации. Се очекува повикот да биде објавен во првиот квартал на 2027 година, а деталните услови ќе бидат познати по неговото објавување.
- нов повик во рамките на Music Moves Europe, насочен кон технолошки иновации, вклучително и развој и примена на дигитални алатки и алатки/решенија базирани на вештачка интелигенција во музичкиот сектор;
- нова награда на ЕУ за изведувачки уметности, како водечка иницијатива на „Културниот компас за Европа“, со цел да се одбележи уметничката извонредност и да се зајакне професионалното вмрежување во оваа област;
- активност во соработка со Светската здравствена организација за развој на насоки на ЕУ за културата, здравјето и благосостојбата, наменети за креаторите на политики и засегнатите страни, како што е најавено во „Културниот компас“.
Потпрограмата Култура ќе ги поддржи и другите приоритети што произлегуваат од „Културниот компас“, особено собирањето и анализата на податоци за културниот и креативниот сектор.
Ќе продолжи и поддршката за постојните европски културни награди, мрежи, платформи, паневропски културни субјекти, како и за мобилната шема на Креативна Европа Culture Moves Europe.
ПОТПРОГРАМА MЕДИА
Во 2027 година, клучните цели на потпрограмата MEDIA ќе вклучуваат:
Прекуграничен развој и продукција на европски аудиовизуелни дела
Ќе продолжи поддршката за соработката во создавањето и продукцијата преку повици како што се ко-развој, slate, mini-slate, ТВ и онлајн содржини, видеоигри и имерзивни содржини.
Зајакнување на капацитетите на индустријата, дистрибуцијата и деловните модели
Ова вклучува поддршка за конкурентноста и одржливоста на секторот преку европска филмска дистрибуција, продажни агенти, иновативни алатки и деловни модели, таленти и вештини.
Зголемување на видливоста, достапноста и разновидноста на публиката
Поддршката ќе се обезбедува преку повици како што се Европски кина, Европски фестивали и Films on the Move, како и преку европските награди.
Потпрограмата ќе продолжи и со проширување на учеството на земјите членки и поттикнување соработка меѓу земји со различни аудиовизуелни капацитети. Исто така, ќе продолжи комбинирањето на ресурсите преку MEDIAinvest, во соработка со InvestEU.
Две нови мерки во 2027 година
Новите мерки ќе опфатат поддршка за дистрибуција на филмови во Естонија, Латвија, Литванија и Украина, со цел да се обесхрабри дистрибуцијата на филмови во овие земји од страна на дистрибутери од Русија, како одговор на руската агресија врз Украина.
Ќе се воведат и мерки за поттикнување на соработката во областа на аудиовизуелните копродукции меѓу европските и корејските претставници од индустријата, по обновувањето на клаузулата за аудиовизуелни копродукции во рамките на Протоколот за културна соработка меѓу ЕУ и Кореја.
Сите активности во рамките на потпрограмата MEDIA ги земаат предвид најновите наоди и анализи на политиките, особено среднорочната евалуација на Креативна Европа, која ја потврди континуираната релевантност на прекуграничната поддршка, како и Извештајот за изгледите на европската медиумска индустрија за 2025 година, кој ја истакна растечката важност на онлајн потрошувачката на аудиовизуелни содржини.
МЕЃУСЕКТОРСКА ПОТПРОГРАМА
Меѓусекторската потрпограма ќе продолжи да поддржува меѓусекторска и транснационална соработка во областа на политиките, иновациите и соработката меѓу различни сектори. Поддршката ќе биде усогласена со „Европскиот штит за демократија“.
Една од централните активности останува да биде акцијата Креативни иновативни лаборатории/Creative Innovation Labsкоја ќе поттикнува иновации меѓу различни сектори, особено во областите на создавање, пристап, дистрибуција и промоција на содржини во културниот и креативниот сектор, како и нивното поврзување со други сектори.
Како одговор на тековните структурни и технолошки притисоци со кои се соочува секторот на новинарството и медиумите, финансирањето ќе опфати Партнерства за новинарство, Механизам за брз одговор за слободата на медиумите, медиумска писменост и монитор за медиумскиот плурализам.
Ќе продолжи и поддршката за Канцалариите на Креативна Европа во земјите учеснички, со цел да се обезбеди транзицијата кон следниот буџетски период на ЕУ.
Повеќе информации можете да најдете во документот Годишна работна програма на Креативна Европа за 2027 година