Како продолжение на иницијативата што ја започнаа Извршната агенција за образование и аудиовизуелна дејност и канцелариите на програмата „Креативна Европа“ од земјите на Западен Балкан во 2024 и 2025 година, на 30 и 31 март 2026 година во Подгорица, Црна Гора, се одржа Регионалниот форум „Креативна Европа“.
Форумот беше организиран од Министерството за култура и медиуми и Филмскиот центар на Црна Гора, односно канцелариите на Креативна Европа – Култура и МЕДИА, во соработка со Извршната агенција и канцелариите на Креативна Европа од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и од Србија, како и со канцелариите од поширокиот регион – Бугарија, Хрватска и Словенија, корисниците на потпрограмите „Култура“ и „МЕДИА“ и други релевантни партнерски организации и професионалци од регионот и од Европа.
Целта на Форумот беше поврзување на културниот и филмскиот сектор, како и вмрежување на организациите и институциите кои дејствуваат во областа на културата, креативните индустрии, филмската и аудиовизуелната дејност, преку претставување на потенцијалите на програмата „Креативна Европа“ и другите европски фондови. Регионалниот форум „Креативна Европа“ опфати теми релевантни за културниот и креативниот сектор, меѓу кои: важноста на регионалната и европската соработка и можностите за финансирање, европските престолнини на културата, примената на вештачката интелигенција, привлекувањето публика и одржливоста на културниот сектор.
На Форумот од нашата држава присуствуваа: Билјана Прентоска, која учествуваше на панел-сесијата „Креативна Европа како механизам за успешна соработка во областа на културата – како да се пронајдат партнери и грантови“; Владимир Стојчевски, како водител на сесијата „Развој на игри и имерзивни медиуми“; директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицески, на сесијата „Филмски фестивали и регионална соработка во областа на кинематографијата“; како и Милан Танчески од „Блинк 21-42“ од Скопје, корисник на програмата „Креативна Европа“, кој учествуваше на сесијата „Дигитализација на културното наследство: како културата да се направи достапна за сите“.