Резултати од повикот за домаќини на резиденции во рамките на програмата Културата ја движи Европа (Culture Moves Europe) за периодот 2025 – 2026 година

By lidija , 7 July, 2026
Резултати од повикот за домаќини на резиденции во рамките на програмата Културата ја движи Европа (Culture Moves Europe) за периодот 2025 – 2026 година

Во рамките на повикот за домаќини на резиденции на програмата Културата ја движи Европа (Culture Moves Europe) за периодот 2025 – 2026 година, што беше отворен од 15 декември 2025 до 16 март 2026 година, од вкупно 1 326 пристигнати пријави од 38 земји учеснички во програмата Креативна Европа, беа избрани 150 проекти за резиденции.

Вкупната вредност на доделените грантови изнесува над 2,1 милиони евра, а преку избраните проекти ќе бидат реализирани резиденцијални престои што опфаќаат 581 уметници и професионалци од областа на културата од цела Европа.

Постапка за доделување на грантовите

Постапката за доделување на грантовите се одвива во две фази.

Првата фаза опфаќа пријавување и избор на домаќини на резиденциите. По евалуацијата на проектните предлози, избраните домаќини стекнуваат право да продолжат во втората фаза од постапката.

Во втората фаза, избраните домаќини самостојно ги избираат резидентите – уметници и културни професионалци кои ќе учествуваат во резиденцијалните престои – и доставуваат дополнителна документација, меѓу која и Информативната картичка за резиденцијата (Residency Info Card). По нејзиното одобрување се потпишува договорот за доделување грант, по што започнува реализацијата на резиденцијата.

Крајниот рок за избор и потврдување на резидентите е 30 септември 2026 година

Проектите што започнуваат порано може да почнат да се реализираат уште на почетокот на јуни 2026 година, а сите активности треба да завршат најдоцна до 7 јуни 2027 година.

Избраните резиденции ќе се реализираат во 38 земји, вклучувајќи ја и Молдавија, која се приклучи на програмата Креативна Европа на почетокот на 2026 година.

Според статистиката на Европската комисија, 42 % од резиденциите ќе се одржат во рурални средини, додека само една шестина од проектите се реализираат во главните градови. Ова уште еднаш ја потврдува важноста на културната соработка и мобилноста надвор од големите урбани центри и придонесот кон рамномерен културен развој.

Меѓу селектираните проекти е проектот на Културниот центар „Интерарт“ од Скопје од областа на изведувачките уметности. 

Опис на проектот

Културниот центар „Интерарт“ ќе биде домаќин на 40-дневна меѓународна танцова резиденција во Скопје, која ќе обедини пет професионални танчари од различни земји учеснички во програмата Креативна Европа.

Под уметничко менторство на реномираната кореографка Рисима Рисимкин, во соработка со кореографите Адријана Данчевска и Дејан Битровски, учесниците ќе работат на истражување, креативно истражување и создавање нови соло и дуетски дела од областа на современиот танц.

Резиденцијата ќе обезбеди студиски простор за работа, сместување, менторска поддршка и продукциска логистика, а ќе кулминира со премиерна изведба во рамките на Скопје танцов фестивал 2027, по што делата ќе бидат претставени и на меѓународна турнеја преку европската мрежа на „Интерарт“.

Проектот има цел да ја засили меѓународната уметничка размена, да го поттикне создавањето нови кореографски дела и дополнително да го позиционира Скопје како регионален центар за современа танцова продукција и креација.

Повеќе информации за селектираните резиденции може да најдете на следниов линк:

https://culture.ec.europa.eu/whats-new/news/culture-moves-europe-150-residency-projects-selected