Македонскиот автор Иван Шопов номиниран за Наградата на Европската Унија за литература 2026

By lidija , 4 March, 2026
Македонскиот автор Иван Шопов со романот Зентрифуга е меѓу номинираните автори за Наградата на Европската Унија за литература 2026.

Македонскиот автор Иван Шопов со романот Зентрифуга е меѓу номинираните автори за Наградата на Европската Унија за литература 2026. Во потесниот круг за оваа престижна книжевна награда, која претставува една од водечките иницијативи во рамките на програмата Креативна Европа“ се избрани перспективни автори од вкупно 14 земји.

Сите автори кои се најдоа во потесниот избор ќе бидат промовирани на европско ниво со цел да допрат до поширока меѓународна публика и да воспостават контакт со читатели надвор од националните и јазичните граници.

Добитникот на наградата, како и авторите кои ќе добијат специјални признанија, ќе бидат објавени на 29 мај оваа година, за време на свечената церемонија на Саемот на книгата во Варшава.

Наградата на Европската Унија за литература се доделува од 2009 година и има цел да ги препознае и да ги поддржи најдобрите европски автори во подем, како и да ги истакне јазичната разновидност и квалитетот на современата европска литература. Досегашни македонски добитници на оваа награда се: Гоце Смилевски за делото Сестрата на Зигмунд Фројд  (2010), Лидија Димковска за Резервен живот  (2013), Ненад Јолдески за Секој со своето езеро  (2016) и Петар Андоновски за Страв од варвари  (2020). Годинашен македонски организатор на наградата е ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.

Повеќе информации за оваа иницијатива и за номинираните автори може да најдете на следниов линк