Се одржа второто издание на „Contemporary Dance Showcase“

By vladimir , 26 May, 2026
Се одржа второто издание на „Contemporary Dance Showcase“ на платформата „Moving Balkans“

Од 13 до 16 мај 2026 година во Нови Сад, Србија, се одржа второто издание на Контемпорари денс шоукејс/Contemporary Dance Showcase на платформата Мувинг Балканс/Moving Balkans што е финансиски поддржана од програмата „Креативна Европа“. Настанот обедини автори на иновативни танцови продукции, млади таленти и водечки професионалци од Балканот и од Европа креирајќи услови за промоција, професионална размена и меѓународно вмрежување во областа на современиот танц.

Програмата опфати селекција на современи танцови продукции од Балканот, професионални средби и презентации кои се одржуваа на седум различни сцени во градот. Меѓу најдобрите 10 селектирани продукции за 2026 година се најде и претставата од Македонија „Мокументари“ во кореографија на Адријана Данчевска Ровчанин, а во продукција на „Скопје танцовиот театар“ и културниот центар „Интерарт“.

Со цел поттикнување долгорочна, координирана и транснационална поддршка на современиот танц беше организирана панел-сесија „Мувинг Балканс: Современиот танц како заеднички културен простор“, на која учествуваа носители на политики, културни работници и претставници на јавни и меѓународни културни институции. Во рамките на дискусијата беа презентирани согледувања за современата танцова сцена и беше истакнато значењето на меѓусекторската и регионалната соработка во создавањето одржлива уметничка продукција, меѓународна циркулација и професионален развој на уметниците и културните работници. На настанот, вклучително и на панел-сесијата учествуваа канцелариите на Креативна Европа на Република Северна Македонија и на Србија.

Фотографии: Јована Семиз