Во периодот од 2023 до 2026 година, тригодишниот проект LiveMX, поддржан од иницијативата Музиката ја движи Европа (Music Moves Europe) на Креативна Европа, воспостави програма за јакнење на капацитетите и преку системот на каскадни грантови (cascading grants) додели 4 милиони евра за 72 проекта, со цел да одговори на актуелните предизвици и потреби на европскиот музички сектор.
Проектот LiveMX го спроведуваше конзорциум предводен од организацијата INOVA+, во партнерство со двете европски мрежи поддржани од програмата Креативна Европа – European Music Exporters Exchange (EMEE) и LiveDMA.
Проектот придонесе за развој на поразновиден, поинклузивен и поодржлив музички екосистем, со фокус на три клучни области:
меѓународна промоција и извоз на музика (music export);
простори за концерти и настапи во живо (live music venues);
дигитална дистрибуција на музика и ангажирање на публиката.
Избраните проекти обединија организации од 26 земји, а нивните активности се реализираа во над 40 држави. На повиците пристигнаа над 1 000 апликации, што сведочи за големиот интерес и ја потврдува потребата од вакви механизми за поддршка на европскиот музички сектор.
Поддржаните проекти донесоа конкретни резултати, меѓу кои:
засилена прекугранична соработка и професионално вмрежување;
поголема инклузивност и разновидност во музичкиот сектор;
создавање нови можности за маргинализирани уметници и музички професионалци.
Воедно, беа тестирани и одржливи практики, како што се концептот на „slow touring“ (побавно и поодржливо организирање турнеи), како и решенија за подобра енергетска ефикасност на концертните простори.
Поддршка за развој на капацитетите
Голем дел од корисниците на грантовите денес ги прошируваат своите иницијативи, воспоставуваат нови меѓународни партнерства и развиваат алатки, прирачници и методологии за споделување на стекнатите знаења и искуства со пошироката музичка заедница.
Покрај финансиската поддршка, LiveMX реализираше и сеопфатна програма за јакнење на капацитетите која опфати обуки, менторство за развој на проекти и активности за вмрежување меѓу избраните организации.
Преглед на поддржаните проекти:
https://livemx.eu/selected-projects/
Меѓу седумдесет и двата поддржани проекти во рамките на третиот повик е и проектот:
LIVEMK – Градење заедница на концертни простори и зајакнување на регионалната соработка на македонската организација ASP RIVER GROUP.
Поддршка за проектот: Компонента A – 60 000 €
Краток опис
Проектот LIVEMK има цел да ја трансформира сцената за музика во живо во РС Македонија преку создавање динамичен екосистем што ќе ги поврзе концертните простори, музичарите и публиката на единствена дигитална платформа.
Во текот на првата година, проектот ќе ги обедини најголемиот дел од концертните простори во земјата – клубови, кафулиња и концертни сали – создавајќи цврста мрежа за соработка, споделување ресурси, заедничка организација на настани и поефикасна промоција. До крајот на проектот, целта е во мрежата да бидат вклучени околу 90 % од концертните простори, овозможувајќи сцените од Скопје, Струга, Тетово, Струмица, Охрид и од другите градови да станат дел од оваа заедничка иницијатива.
Преку насочени маркетинг-кампањи и функционалност на дигиталната платформа – како персонализирани препораки за настани и интерактивни алатки за комуникација со публиката – проектот ќе привлече нови посетители, ќе ја зголеми посетеноста на концертите и ќе ја зајакне поврзаноста меѓу публиката и изведувачите.
Истовремено, преку практични работилници, менторски програми и платформи за размена на знаења, менаџерите на концертните простори и музичарите ќе стекнат нови вештини за унапредување на својата работа и на деловното работење и за подигнување на уметничките стандарди.
За да се обезбеди долгорочно влијание, проектот ќе реализира две клучни програми – национална фестивалска серија и меѓународна програма за размена – со кои ќе се промовира домашната музичка сцена и ќе се поттикне меѓународната културна соработка.
Дополнително, преку сеопфатно евидентирање на концертните простори и анализа на податоци во реално време ќе се обезбедат релевантни информации за стратешко планирање, идни инвестиции и понатамошен развој на секторот.
Со примена на современи дигитални решенија и пристап заснован врз соработка во заедницата, LIVEMK ќе создаде одржлива и видлива национална мрежа што ќе ги поврзе концертните простори, музичарите и публиката, отворајќи ново поглавје во развојот на музиката во живо во РС Македонија и во регионот.