Седумдесет и два проекта добија поддршка за меѓународна промоција, концерти и дигитален развој преку проектот LiveMX

By lidija , 10 Јули, 2026
Седумдесет и два проекта добија поддршка за меѓународна промоција, концерти и дигитален развој преку проектот LiveMX

Во периодот од 2023 до 2026 година, тригодишниот проект LiveMX, поддржан од иницијативата Музиката ја движи Европа (Music Moves Europe) на Креативна Европа, воспостави програма за јакнење на капацитетите и преку системот на каскадни грантови (cascading grants) додели 4 милиони евра за 72 проекта, со цел да одговори на актуелните предизвици и потреби на европскиот музички сектор.

Проектот LiveMX го спроведуваше конзорциум предводен од организацијата INOVA+, во партнерство со двете европски мрежи поддржани од програмата Креативна Европа European Music Exporters Exchange (EMEE) и LiveDMA.

Проектот придонесе за развој на поразновиден, поинклузивен и поодржлив музички екосистем, со фокус на три клучни области:

  • меѓународна промоција и извоз на музика (music export);

  • простори за концерти и настапи во живо (live music venues);

  • дигитална дистрибуција на музика и ангажирање на публиката.

Избраните проекти обединија организации од 26 земји, а нивните активности се реализираа во над 40 држави. На повиците пристигнаа над 1 000 апликации, што сведочи за големиот интерес и ја потврдува потребата од вакви механизми за поддршка на европскиот музички сектор.

Поддржаните проекти донесоа конкретни резултати, меѓу кои:

  • засилена прекугранична соработка и професионално вмрежување;

  • поголема инклузивност и разновидност во музичкиот сектор;

  • создавање нови можности за маргинализирани уметници и музички професионалци.

Воедно, беа тестирани и одржливи практики, како што се концептот на „slow touring“ (побавно и поодржливо организирање турнеи), како и решенија за подобра енергетска ефикасност на концертните простори.

Поддршка за развој на капацитетите

Голем дел од корисниците на грантовите денес ги прошируваат своите иницијативи, воспоставуваат нови меѓународни партнерства и развиваат алатки, прирачници и методологии за споделување на стекнатите знаења и искуства со пошироката музичка заедница.

Покрај финансиската поддршка, LiveMX реализираше и сеопфатна програма за јакнење на капацитетите која опфати обуки, менторство за развој на проекти и активности за вмрежување меѓу избраните организации.

Преглед на поддржаните проекти:

https://livemx.eu/selected-projects/

Меѓу седумдесет и двата поддржани проекти во рамките на третиот повик е и проектот: 

LIVEMK – Градење заедница на концертни простори и зајакнување на регионалната соработка на македонската организација ASP RIVER GROUP. 

Поддршка за проектот: Компонента A – 60 000 €

Краток опис

Проектот LIVEMK има цел да ја трансформира сцената за музика во живо во РС Македонија преку создавање динамичен екосистем што ќе ги поврзе концертните простори, музичарите и публиката на единствена дигитална платформа.

Во текот на првата година, проектот ќе ги обедини најголемиот дел од концертните простори во земјата – клубови, кафулиња и концертни сали – создавајќи цврста мрежа за соработка, споделување ресурси, заедничка организација на настани и поефикасна промоција. До крајот на проектот, целта е во мрежата да бидат вклучени околу 90 % од концертните простори, овозможувајќи сцените од Скопје, Струга, Тетово, Струмица, Охрид и од другите градови да станат дел од оваа заедничка иницијатива.

Преку насочени маркетинг-кампањи и функционалност на дигиталната платформа – како персонализирани препораки за настани и интерактивни алатки за комуникација со публиката – проектот ќе привлече нови посетители, ќе ја зголеми посетеноста на концертите и ќе ја зајакне поврзаноста меѓу публиката и изведувачите.

Истовремено, преку практични работилници, менторски програми и платформи за размена на знаења, менаџерите на концертните простори и музичарите ќе стекнат нови вештини за унапредување на својата работа и на деловното работење и за подигнување на уметничките стандарди.

За да се обезбеди долгорочно влијание, проектот ќе реализира две клучни програми – национална фестивалска серија и меѓународна програма за размена – со кои ќе се промовира домашната музичка сцена и ќе се поттикне меѓународната културна соработка.

Дополнително, преку сеопфатно евидентирање на концертните простори и анализа на податоци во реално време ќе се обезбедат релевантни информации за стратешко планирање, идни инвестиции и понатамошен развој на секторот.

Со примена на современи дигитални решенија и пристап заснован врз соработка во заедницата, LIVEMK ќе создаде одржлива и видлива национална мрежа што ќе ги поврзе концертните простори, музичарите и публиката, отворајќи ново поглавје во развојот на музиката во живо во РС Македонија и во регионот.