ШТО Е КРЕАТИВНА ЕВРОПА?
„Креативна Европа“ е водечка програма на Европската комисија за поддршка на културниот и аудиовизуелниот сектор. Со буџет од 2,44 милијарди евра, што е речиси двојно повеќе од претходниот циклус, програмата „Креативна Европа“ инвестира во активности што ја зајакнуваат културната разновидност и одговараат на потребите и предизвиците на културните и креативните сектори.
Правна основа: Програмата се спроведува врз основа на Регулатива 2021/818 на Европскиот парламент и на Советот од 20 мај 2021 година за воспоставување на програмата „Креативна Европа (2021 – 2027)“ и за укинување на Регулативата 1295/2013 (OJ L 189/34, 28.5.2021). Интегралниот текст на Регулативата може да го најдете тука
Креативна Европа има цел: да го поддржи создавањето на европски дела и да им помогне на културниот и креативниот сектор во искористувањето на можностите на дигиталната ера и глобализацијата, со цел да го достигнат својот економски потенцијал, придонесувајќи кон одржлив развој, вработување и социјална кохезија; да ги промовира конкурентноста и иновативноста на европската аудиовизуелна индустрија; да им помогне на културниот и на аудиовизуелниот сектор во Европа да пристапат до нови меѓународни можности, пазари и публика; да промовира меѓусекторски иновативни акции и разновидни, независни и плуралистички медиуми. Зачувувањето, развојот и промоцијата на европската културна и јазична разновидност и наследство остануваат основни цели на „Креативна Европа“.
ЗА КОГО Е НАМЕНЕТА ПРОГРАМАТА?
„Креативна Европа“ е наменета за организациите од културните и креативните сектори, кината, организациите од филмскиот и од аудиовизуелниот сектор. Програмата ги охрабрува аудиовизуелните, филмските, културните и креативните уметници да дејствуваат низ цела Европа со цел да допрат до нова публика и да ги развијат потребните вештини за дигиталната ера.
ПОТПРОГРАМИ
Програмата „Креативна Европа“ е поделена на три потпрограми:
Потпрограма Култура, која вклучува иницијативи што промовираат и унапредуваат уметничка и културна соработка на европско ниво.
Потпрограма МЕДИА, која вклучува иницијативи што ги поттикнуваат конкурентноста, иновациите и одржливоста на европскиот аудиовизуелен сектор.
Меѓусекторска потпрограма, која вклучува иницијативи што промовираат иновативни активности и соработка помеѓу аудиовизуелниот и културниот сектор.
Од буџетот на „Креативна Европа“, 33 % се наменети за „Култура“, 58 % за „МЕДИА“ и 9 % за „Меѓусекторска потпрограма“.
КОЈ УПРАВУВА СО ПРОГРАМАТА?
На европско ниво, со програмата управуваат и ја спроведуваат Европската комисија и Извршната агенција за образование и културa (EACEA).
На национално ниво, програмата „Креативна Европа“ ја спроведуваат канцелариите за Креативна Европа кои функционираат како информативни и советодавни канцеларии во земјите учеснички на програмата „Креативна Европа“. Канцелариите, покрај тоа што обезбедуваат информации за програмата, ја олеснуваат соработката меѓу организациите од земјите на „Креативна Европа“ и им помагаат на потенцијалните апликанти да го развијат својот проект.
Повеќе информации за канцалариите за Креативна Европа може да најдете тука
КВАЛИФИКУВАНИ ЗЕМЈИ
Програмата „Креативна Европа“ е отворена за организации од областа на културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор, односно филмскиот сектор, од: 27-те земји членки на ЕУ, земјите од Европската економска област, земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во Европската Унија, како и земјите што се опфатени со политика за соседство на Европската Унија.
Повеќе информации може да најдете тука
ВКРСТЕНИ ХОРИЗОНТАЛНИ ПРИОРИТЕТИ
Програмата „Креативна Европа“ особено вниманиe посветува на вкрстените теми (cross-cutting issues) во кои се вклучени актуелните политики и приоритети на ЕУ, како што се:
Уште во претходниот програмски циклус на програмата, Европската комисија вклучи сет упатства, активности, препораки и критериуми за оценување на проекти, со цел да се следи Европскиот зелен договор како еден од политичките приоритети на Европската комисија за периодот 2019 – 2024 година.
Повеќе информации и примери кои се однесуваат на приоритетите на политиката на Комисијата, како што се Европскиот зелен договор, родовата еднаквост и дигиталната транзиција можете да најдете во публикацијата на Европската комисија „Креативна Европа 2014 – 2020: родова еднаквост, Европски зелен договор, дигитализација, со преспективи за соработка“
Во 2023 година, Европската комисија ја објави публикација „Зелена трансформација на програмата Креативна Европа“, која дава преглед на тоа како креативниот и културниот сектор може да придонесат кон напорите на Европската комисија за интегрирање на климатските активности преку програмата „Креативна Европа“.
Вкрстените теми како приоритети на Европската Унија се содржани во годишните програми на „Креативна Европа“, вклучувајќи ја и годишната програма на „Креативна Европа“ за 2025 година, но и во посебните акции/категории/повици на програмата.