Европската Унија за периодот 2021 – 2027 година овозможува финансирање на културните и креативните сектори и на аудиовизуелниот сектор и преку другите програми на Унијата.
Водич за финансирање на културата – CulturEU Funding Guide
Интерактивниот водич е алатка развиена од Европската комисија и има цел да го олесни пристапот до можности за финансирање на културните и креативните сектори преку разновидните програми на Европската Унија, достапни во периодот 2021 – 2027 година.
Водичот ефикасно ги насочува засегнатите страни кон потенцијалните можности за финансирање преку краток и јасен сет прашања поврзани со активноста, видот на организацијата и видот на поддршка што се бара. По завршувањето на овие чекори, алатката ги стеснува резултатите и прикажува релевантни извори на финансирање и отворени повици во согласност со дадените одговори. Резултатите, исто така, вклучуваат информации за расположливиот буџет, процесот на аплицирање и конкретни линкови до програмите или повиците.
Дигиталната публикација CulturEU Funding Guide, во која можете да најдете информации за употребата на оваа алатка, но и за комплементарните програми на Европската Унија кои финансираат проекти од областа на културните и креативните сектори, можете да ја преземете тука.
Примери на добра практика на проекти од областа на културните и креативните сектори поддржани од други програми на Европската Унија можете да најдете тука.
Нов европски Баухаус
Новиот европски Баухаус (NEB) е иницијатива за политики и финансирање на Европската Унија чија цел е да ја направи зелената транзиција во изградените средини попријатна, попривлечна и поудобна за европските граѓани, подобрувајќи ја нивната благосостојба и чувството на припадност. Иницијативата промовира решенија кои не само што се одржливи, туку и инклузивни и со естетска вредност, притоа почитувајќи ја разновидноста на местата, традициите и културите во Европа и пошироко.
Новиот европски Баухаус се спроведува преку:
- вклучување на луѓето од локалните заедници, со фокус на соседствата;
- обезбедување алатки и насоки;
- нудење решенија приспособени за различни заедници;
- вклучување мислења од различни засегнати страни во процесот на дизајн и имплементација;
- давање приоритет на луѓето и социјалната инклузија, но и на економијата со цел зајакнување на конкурентноста и стратешката автономија на Европската Унија.
Повеќе информации за оваа иницијатива може да најдете тука.
Хоризонт Европа
„Хоризонт Европа“ (2021 – 2027) е најголемата програма на Европската Унија за истражување и иновации, која обезбедува можности за финансирање меѓународни проекти. Во рамките на Кластер 2 – „Култура, креативност и инклузивно општество“, право на учество имаат и организации од нашата држава, вклучувајќи институции и претставници од културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор.
Како европски ресурси и иницијативи од интерес за културниот и креативниот сектор, се издвојуваат:
- ECHOES – European Cloud for Heritage OpEn Science – проект поддржан преку „Хоризонт Европа – Кластер 2“, насочен кон создавање европска дигитална средина за културното наследство. Платформата ќе овозможува поврзување на културни институции, истражувачи и професионалци преку дигитални алатки, ресурси и можности за соработка во областа на истражувањето, зачувувањето и промоцијата на културното наследство.
Повеќе информации: https://www.echoes-eccch.eu/
- „Европеана“ (Europeana) – европска дигитална платформа за културно наследство која обезбедува пристап до милиони дигитализирани објекти од музеи, архиви и библиотеки низ Европа. Платформата нуди ресурси и алатки за културни организации, истражувачи, едукатори и креативни професионалци за повторно користење на дигитални содржини и развој на нови креативни пристапи.
Повеќе информации: https://www.europeana.eu/
Релевантни информации за Кластер 2 има на следниов линк.
За поддршка и информации за учество во програмата „Хоризонт Европа“, обратете се до надлежната институција – Министерството за образование и наука: https://mon.gov.mk/
Еразмус плус
„Еразмус плус“ (2021 – 2027) е програма на Европската Унија која поддржува образование, обука, млади и спорт преку мобилност, меѓународна соработка и развој на иновативна практика.
Во програмата можат да учествуваат и организации од нашата држава, вклучувајќи претставници од културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор. За нив, особено релевантни се можностите што ги поддржува оваа програма за мобилност и професионален развој (KA1) и партнерства за соработка и реализација на заеднички европски проекти во областа на културата, креативноста и културното наследство (KA2).
Повеќе информации за програмата се достапни во „Водичот за програмата Еразмус плус“ (Erasmus+ Programme Guide):
https://erasmus-plus.ec.europa.eu/erasmus-programme-guide
https://erasmus-plus.ec.europa.eu/projects
За поддршка и информации за учество во програмата „Еразмус плус“, обратете се во Националната агенција за образовни програми и мобилност: https://na.org.mk/
Програма „Граѓани, еднаквост, права и вредности“ (CERV)
Програмата на Европската Унија „Граѓани, еднаквост, права и вредности“ (CERV) поддржува иницијативи насочени кон промовирање на европските вредности, демократијата, еднаквоста, основните права и активното граѓанско учество. Програмата обезбедува можности за финансирање организации и институции кои придонесуваат за развој на поинклузивно, демократско и праведно општество.
За поддршка и информации за учество во програмата ЦЕРВ, обратете се до надлежната институција – Министерството за социјална политика, демографија и млади, може да најдете на следниот линк.
Програма „Дигитална Европа“ (Digital Europe Programme – DIGITAL)
Програмата „Дигитална Европа“ (2021 – 2027) е програма на Европската Унија која поддржува дигитална трансформација преку развој и примена на напредни технологии, дигитални вештини и иновативни решенија. Ова отвора можности и за претставниците од културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор од РС Македонија за развој на проекти поврзани со: дигитализација на културното наследство и развој на иновативни содржини (VR/AR); примена на вештачка интелигенција и нови технологии во креативните процеси; развој на дигитални вештини за професионалци од културата и аудиовизуелниот сектор; поврзување со европските дигитални иновациски центри (EDIH) и сл.
Повеќе информации за програмата, повиците и можностите за учество може да најдете на следниот линк.
За поддршка и информации за учество во програмата „Дигитална Европа“, обратете се во надлежната институција – Министерството за дигитална трансформација: https://mdt.gov.mk/