Skip to main content
Канцеларија на Креативна Европа МК

Main navigation

  • Креативна Европа
    • За програмата
    • Како да аплицирате
    • Поставувани прашања
    • Публикации и документи
    • Други ЕУ програми
  • Култура
    • За Култура
    • Повици
    • Поддржани проекти
    • Пронајди партнер
  • МЕДИА
    • За МЕДИА
    • Повици
    • Поддржани проекти
    • Продукции и контакти МК
    • Филмски фестивали МК
  • Меѓусекторска
    • За Меѓусекторска
    • Повици
    • Поддржани проекти
  • Новости
  • За нас
mk
  • MK
  • AL
  • EN

Breadcrumb

  1. Почетна
  2. Култура

Култура

Иницијативи на културниот сектор за промоција на прекугранична соработка, платформи, вмрежување и литературни преводи
За култура

ШТО Е ПОТПРОГРАМАТА „КУЛТУРА“?

Потпрограмата „Култура“ поддржува иницијативи за унапредување и зацврстување на уметничката и културната соработка. Таа обезбедува можности за финансирање за активности со европска димензија насочени кон: зајакнување на транснационалното создавање и циркулација на европските дела, развој на транснационална мобилност, развој на публика (достапна и инклузивна култура), иновации и градење капацитети (особено дигитализација, нови деловни модели, образование и обука).

Со неа е опфатен широк спектар на културни и креативни сектори, како што се културното наследство, архитектурата, дизајнот, литературата и издаваштвото, музиката, изведувачките уметности и други. 

Обезбедувајќи рамка за соработка и размена меѓу културни организации и уметници во Европа и пошироко, потпрограмата „Култура“ има цел:

  • да поттикнува уметничко творештво и иновации;
  • да поддржи промоција и дистрибуција на европски содржини низ Европа и надвор од неа;
  • да им помогне на уметниците да најдат можности за создавање и претставување надвор од националните граници;
  • да ги поттикне дигиталната и еколошката трансформација на европските културни и креативни сектори.

МОЖНОСТИ ЗА ФИНАНСИРАЊЕ

Потпрограмата „Култура“ обезбедува финансиска поддршка за широк спектар активности кои опфаќаат:

Eвропски проекти за соработка

Овие проекти се основниот столб на потпрограмата „Култура“ за кои се издвојуваат 70 % од вкупниот буџет со цел да се подобри пристапот на европските културни и креативни дела и да се промовираат иновативноста и креативноста. Со нив може да бидат опфатени еден или повеќе културни и креативни сектори, но тие може да бидат и интердисциплинарни.

 Проектите поддржуваат транснационална соработка на организации од културните и креативните сектори на земјите од ЕУ и пошироко преку три категории проекти: 

  • проекти за соработка од мал обем, кои вклучуваат минимум 3 партнери од 3 различни квалификувани земји (максимален ЕУ-грант до 200 000 евра/до 80 % од вкупниот буџет на проектот);
  • проекти за соработка од среден обем, кои вклучуваат минимум 5 партнери од 5 различни квалификувани земји (максимален ЕУ-грант до 1 000 000 евра/до 70 % од вкупниот буџет на проектот) и
  • проекти за соработка од голем обем, кои вклучуваат минимум 10 партнери од 10 различни квалификувани земји (максимален ЕУ-грант до 2 000 000 евра/до 60 % од вкупниот буџет на проектот). 

Максималното времетраење на сите категории проекти е 48 месеци. Повиците за финансирање на европските проекти за соработка се објавуваат на годишно ниво на веб-страницата на Креативна Европа. На повиците може да аплицираат само правни лица. Физичките лица не се квалификувани за аплицирање во потпрограмата.

 Повеќе информации за оваа акција може да најдете тука

Циркулација на европски книжевни дела

Со оваа акција се поддржуваат проекти за превод, објавување, дистрибуција и промоција на европски книжевни дела – белетристика. Годишно, во просек, се поддржуваат по 40 проекти, со кои се преведуваат и промовираат 500 европски книжевни дела на најмалку 40 јазици. 

Значаен аспект на оваа акција е јакнењето на различноста, а се остварува преку поддршка на дела напишани на помалку распространети јазици за да се развие нивната дистрибуција на поголемите пазари во Европа и пошироко. Исто така, акцијата се стреми кон промовирање и подигнување на угледот на професијата литературен преведувач, како и кон јакнење на издавачкиот сектор преку унапредување на соработката меѓу различните чинители вклучени во процесот на создавање и дистрибуција на книги – автори, преведувачи, издавачи и дистрибутери. 

Сите проекти финансирани во рамките на оваа акција, исто така, мора да ги земат предвид инклузивноста, различноста, родовата еднаквост и еколошката транзиција при нивното дизајнирање и спроведување.

Постојат три категории проекти што се поддржуваат во рамките на оваа акција:

  • Мали, кои опфаќаат превод на 5 различни наслови (максимален грант до 100 000 евра/60 % од вкупниот буџет на проектот);
  • Средни, кои опфаќаат превод на 11 различни наслови (максимален грант до 200 000 евра/60 % од вкупниот буџет на проектот) и
  • Големи, кои опфаќаат превод на 21 различен наслов (максимален грант до 300 000 евра/60 % од вкупниот буџет на проектот).

Повиците за овие проекти се објавуваат на годишно ниво и се наменети само за организации и конзорциуми кои се активни во секторот издаваштво и книги, а не за поединци.  

Повеќе информации за оваа акција може да најдете тука

Европски мрежи на културни и креативни организации

Европските културни мрежи претставуваат клучен инструмент за остварување на целите на програмата „Креативна Европа“ за периодот 2021 – 2027. Акцијата има цел да ги зајакне капацитетите на европските културни и креативни сектори за справување со заеднички предизвици, поттикнување на таленти, иновации, напредок, како и создавање работни места и економски раст. Финансиската поддршка е наменета за проекти спроведени од реномирани европски/меѓународни мрежи на европски културни организации, кои опфаќаат широк спектар на земји учеснички во програмата „Креативна Европа“. Европските мрежи имаат застапничка и советодавна улога во соработката и комуникацијата со Европската комисија при дизајнирање и спроведување на културната политика на Европската Унија. 

Во рамките на програмата се кофинансираат вкупно 37 паневропски мрежи различни по големина во кои членуваат илјадници субјекти, од индивидуалци до национални и регионални организации што работат во културниот и креативниот сектор. Овие мрежи обезбедуваат поддршка на културни организации и професионалци кои придонесуваат за засилување на конкурентноста и разновидност на европските културни и креативни сектори. 

Повеќе информации за европските мрежи може да најдете тука 

Европски платформи за промоција на уметници во подем

Оваа акција обезбедува поддршка за колаборативни проекти на културни оператори кои ги промовираат младите уметници и поттикнуваат вистинско европско програмирање на културни и уметнички дела. 

Генерално, финансиската поддршка на оваа акција е наменета за активности кои:

  • ја поттикнуваат мобилноста и видливоста на креаторите и уметниците – особено на оние што немаат меѓународна изложеност;
  • стимулираат вистинско европско програмирање на културни и уметнички активности, преку олеснување на пристапот до ненационални европски културни дела преку меѓународни турнеи, настани, изложби, фестивали итн.;
  • придонесуваат за развој на публиката и обезбедуваат видливост на европските вредности и различните култури.

Европските платформи претставуваат клучен инструмент за развој на кариерите на новите таленти и подобрување на нивните работни услови. Истовремено, тие работат и на зајакнување на солидарноста, учеството и пристапот до културата, општествената кохезија, промоцијата на уметничкото творештво и културната разновидност, како и на основните вредности на ЕУ. 

 Со програмата се поддржани вкупно 16 европски платформи.

 Повеќе информации за европските платформи можете да најдете тука

Паневропски културни ентитети

Ова e нова акција на програмата „Креативна Европа“ која поддржува културни ентитети – оркестри кои опфаќаат широк географски опсег (над 20 земји) и работат на обезбедување обука, професионален развој и можности за настап за млади и исклучително талентирани уметници. Една од основните цели е да се обезбеди пристап до младата публика преку настани во живо и користење дигитални алатки.

Генерално, финансиската поддршка на оваа акција е наменета за: 

  • поддршка на професионализацијата на младите музичари, преку обезбедување можности за високо ниво на развој на кариерата преку регрутација, обука, турнеи и настапи;
  • поттикнување на уметничката извонредност во изведбите на младински оркестри;
  • поддршка на активностите на организации и уметници кои работат како промотори и амбасадори на вредностите на ЕУ.

Повеќе информации за оваа акција може да најдете тука

Културата ја движи Европа (Culture Moves Europe)

Културата ја движи Европа обезбедува грантови за мобилност на уметници и културни професионалци (други професионалци) во секторите: архитектура, културно наследство, дизајн и моден дизајн, книжевност, музика, изведувачки уметности и визуелни уметности. Целта е да им се помогне на (нови) уметници и културни професионалци да остварат меѓународна соработка и копродукции, со што тие се развиваат професионално и ја градат својата кариера надвор од националните граници.

Културата ја движи Европа ја имплементира Гете-институтот од Брисел. За периодот од 2022 до 2025 година буџетот изнесува 21 милион евра.

Културата ја движи Европа предвидува два вида грантови:

  • Акција за индивидуална мобилност: нуди финансиска поддршка за поединци кои патуваат меѓу 7 и 40 дена или групи од најмногу 5 лица кои патуваат меѓу 7 и 14 дена. Повиците се отворени секоја година меѓу есен и пролет.
  • Акција за престој: наменета за организации и етаблирани индивидуални уметници кои редовно организираат резиденцијални престои и се заинтересирани да бидат домаќини на уметници и културни професионалци.

Повеќе информации за „Културата ја движи Европа“ може да најдете тука

Изведбена Европа (Perform Europe)

Изведбена Европа е грантова линија наменета за соработка во областа на изведувачките уметности во 40-те земји учеснички во програмата „Креативна Европа“. 

Станува збор за напредна грантова линија за финансирање на европскиот сектор за изведувачки уметности, која преку инклузивните, разновидни и зелени проекти – турнеи овозможува поврзување и соработка во земји членки на „Креативна Европа“. Финансиската поддршка ги нагласува одржливоста и инклузивноста, а со цел да се придонесе кон трансформацијата на секторот за изведувачки уметности и да се обезбеди дистрибуција низ целиот континент. Посебно внимание се посветува на проекти во кои се вклучени недоволно застапени групи, области и заедници.

Наменета е за организации и индивидуалци од областа на изведувачките уметности да креираат партнерства и да предложат влијателни идеи и модели за турнеи со една заедничка цел: пренасочување на начинот на кој изведувачките уметности може да допрат до публиката на почесен, поинклузивен и поодржлив начин.

Во проектите треба да учествуваат најмалку тројца партнери од најмалку три земји членки на „Креативна Европа“ и тие мора да содржат најмалку едно изведувачко уметничко дело (со исклучок на музика во живо) што ќе се претстави во најмалку три различни земји членки на „Креативна Европа“.

Преку оваа грантова линија се поддржуваат три категории проекти: Мали партнерски проекти – до 12 000 евра; Средни партнерски проекти – до 32 000 евра и Големи партнерски проекти – до 60 000 евра.

Оваа грантова линија се спроведува од конзорциум на европски мрежи од областа на изведувачките уметности: Меѓународната мрежа за современи изведувачки уметности (ITEM), Европската мрежа за развој на танцот (EDM), Европската асоцијација на фестивали (EFA), Мрежата „Circostrada, Pearle (Life Performance Europe)“ и организацијата за истражување „Idea Consultant“. 

Повеќе информации за двата повика објавени во рамките на оваа грантова линија може да најдете тука

 

СПЕЦИЈАЛНИ АКЦИИ

Европската комисија поддржува различни акции, иницијативи и награди кои ја зголемуваат видливоста на културниот и аудиовизуелниот сектор во Европа. Преку овие активности се наградуваат достигнувања, се истакнува извонредноста и се подигнува свеста за европската култура и културното наследство. Тука спаѓаат:

Европски престолнини на културата

Иницијативата Европски престолнини на културата (ECOC) е создадена со цел да се истакнат богатството и разновидноста на европските култури и да се прослават вредностите што ги споделуваме како Европејци. Преку оваа иницијатива се поттикнува чувството на заедничка културна припадност и се нагласува важната улога што културата ја има во развојот на градовите.

Покрај културната димензија, искуството покажува дека овој настан носи многубројни дополнителни придобивки. Тој станува поттик за обнова на урбаните средини, јакнење на меѓународниот углед на градовите и подобрување на локалниот имиџ во очите на самите граѓани. Преку нови културни содржини и програми, градовите добиваат нова енергија, а интересот од туристите значително се зголемува.

Од основањето во 1985 година, титулата Европска престолнина на културата е доделена на над 60 градови низ Европската Унија и пошироко – секој од нив со своја уникатна приказна и културно наследство, но сите обединети под идејата за Европа како простор за креативност, дијалог и културна размена.

Повеќе информации може да најдете тука

 

Европска ознака за културно наследство

Европските ознаки за културното наследство претставуваат клучни обележја во развојот на денешна Европа. Од почетокот на цивилизацијата па сè до современото европско општество, овие места ги слават и ги симболизираат европската историја, европските вредности, европските идеали и процесот на интеграција. Од 2013 година, овие локации се избираат врз основа на нивната симболична вредност, значењето што го имаат во европската историја и активностите што ги нудат. Тие придонесуваат за зближување на Европската Унија со нејзините граѓани.

Повеќе информации може да најдете тука 

Награди за европско културно наследство / Europa Nostra Awards

Наградите за европско културно наследство/Europa Nostra Awards го истакнуваат извонредниот придонес на проекти, иницијативи и личности во областа на културното наследство.

Овие награди ги препознаваат достигнувањата на европско ниво во пет главни категории:

  • Конзервација и функционална пренамена;
  • Истражување;
  • Образование, обука и вештини;
  • Вклучување на граѓаните и подигнување на свеста;
  • Првенци на културното наследство.

Секоја година, до 30 иницијативи поврзани со културното наследство добиваат признание преку Наградите за европско културно наследство/Europa Nostra Awards. 

Денови на европското културно наследство

Денови на европското културно наследство е заедничка иницијатива на Европската Унија и Советот на Европа, започната во 1985 година. Ова е една од најшироко прославуваните културни манифестации во Европа со активно учество на нејзините граѓани.

Во рамките на манифестацијата, илјадници споменици и локалитети се отвораат за јавноста, меѓу нив и објекти кои ретко или никогаш не се достапни за посета. Граѓаните добиваат можност бесплатно да го откријат богатото европско културно наследство и да станат дел од неговото зачувување за сегашните и за идните генерации.

Секоја година, над 20 милиони луѓе учествуваат на манифестацијата во повеќе од 50 европски земји потписнички на Европската конвенција за култура.

Повеќе информации може да најдете тука 

Награда на Европската Унија за литература

 Наградата на ЕУ за литература е годишна иницијатива што од 2009 година ги наградува најдобрите млади автори од Европа и ги промовира јазичната разновидност и литературниот квалитет во рамките на програмата „Креативна Европа“.

Наградата се доделува во тригодишен циклус, при што секоја година учествува една третина од земјите членки на програмата. Eвропско жири составено од седум члена доделува пет посебни признанија за книжевни достигнувања со меѓународен потенцијал и избира еден главен добитник. Сите номинирани автори добиваат континуирана промоција низ Европа, со цел да допрат до поширока и меѓународна публика и да ги поврзат читателите надвор од своите национални и јазични граници.

Повеќе информации може да најдете тука 

Награда на ЕУ за современа архитектура – „Mise van der Rohe“

Наградата на ЕУ за современа архитектура – „Mies van der Rohe“ се доделува од 2001 година како признание за исклучителни архитектонски дела реализирани низ Европа. Наградата ја истакнува важноста на квалитетната архитектура за одржливиот развој и добросостојбата на граѓаните. Се доделува на секои две години. Освен главната награда од 60 000 евра, се доделува и Награда за млад архитект во износ од 30 000 евра.

Повеќе информации може да најдете тука 

Европска награда за популарна и современа музика

Како специфична акција во рамките на иницијативата Музиката ја движи Европа (Music moves Europe), Европската Унија има цел да ја истакне и да ја промовира разновидноста на европскиот музички репертоар преку доделување на Наградата на Европската Унија за популарна и современа музика „The Music Moves Europe Awards“.

Од 2019 година, овие годишни награди го слават успехот на млади и талентирани уметници кои го претставуваат европскиот музички звук на денешницата и на иднината. Наградата се реализира од страна на „Eurosonic Noorderslag (ESNS)“ во партнерство со „Reeperbahn Festival“ и е кофинансирана од програмата „Креативна Европа“. 

Повеќе информации може да најдете тука 

Музиката ја движи Европа (Music moves Europe)

Иницијативата Музиката ја движи Европа (Music moves Europe) стана дел од програмата „Креативна Европа“ во 2021 година. Таа промовира разновиден, конкурентен, иновативен и одржлив европски музички сектор. Закрепнувањето по пандемијата од КОВИД-19, растечките трошоци поради инфлацијата и наглото поскапување на енергијата предизвикано од незаконската руска агресија врз Украина сè уште остануваат главни предизвици за поддршка на музичкиот сектор преку програмата „Креативна Европа“. Во исто време, музичкиот сектор се соочува со глобалниот предизвик на климатските промени и треба да го даде својот придонес кон позелена и поодржлива иднина. Оттука, во согласност со Европскиот зелен договор и како надополнување на политичката агенда на ЕУ за култура (Работен план на ЕУ за култура 2023 – 2026), последниот повик на Музиката ја движи Европа (Music moves Europe) 2025 има цел да ја поддржи зелената транзиција и еколошката одржливост на музичкиот екосистем преку целата вредносна низа (од креација до дистрибуција).

Наградата „Music Moves Europe Talent Award“, исто така, е дел од „Креативна Европа“. Неколку музички проекти се финансирани и преку проекти за соработка, мрежи, платформи и европски културни ентитети.

Мени-1-култура

  • За култура
  • Повици
  • Поддржани проекти
  • Пронајди партнер

Канцеларија за Креативна Европа МК
Ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54, 1000 Скопје
е-пошта: info@ced.mk