Повикот е наменет за поддршка на украинскиот културен сектор, преку финансирање на проекти кои ќе ги поврзат украинските културни организации со оние од другите земји учеснички во Програмата Креативна Европа. Овој повик е дел од сеопфатниот план за поддршка на ЕУ за Украина со акцент на закрепнувањето и долгорочната одржливост на културните ресурси. Оваа подршка има за цел да помогне во зачувувањето на културното наследство и да обезбеди поддршка на уметниците и организациите, но и да ја поттикне нивната интеграција во поширокиот европски културен простор. На долг рок, оваа иницијатива ќе придонесе за општествено и културно закрепнување на Украина, а особено ќе ја зајакне меѓународната културна соработка која ги надминува границите и придонесува за одржлив мир и единство.
Цели и приоритети
Целите на повикот се базираат на три клучни приоритети, кои се дефинирани како различни тематски целини и тоа:
ТЕМА 1: Поддршка за украинските уметници и културни организации (CREA-CULT-2025-COOP-UA-1) – финансирање на заеднички проекти меѓу украинските уметници и културните организации од земјите на ЕУ за да ги претстават своите дела и да ја зајакнат соработката.
ТЕМА 2: Обезбедување пристап на украинските граѓани до културата и културното наследство (CREA-CULT-2025-COOP-UA-2) – финансирање активности насочени кон социјална инклузија и интеграција на бегалците и раселените лица преку културни иницијативи.
ТЕМА 3: Подготовка за закрепнување на украинскиот културен сектор (CREA-CULT-2025-COOP-UA-3) – активности за градење капацитети и зајакнување на мрежи кои ќе ги поддржуваат културните сектори во подготовка за закрепнување и зајакнување на социјалната отпорност.
Секој проект може да се предложи само во рамките на една тема, а целта е да се финансираат проекти кои придонесуваат за конкретните приоритети. Секоја тема има специфични активности.
ТЕМА 1 и ТЕМА 2
Поддршка преку финансирање на трети страни („каскадни грантови“) - најмалку 70% од вкупниот износ на поддршка од ЕУ мора да се пренасочи кон финансиска поддршка за трети страни во Украина. Ова финансирање може да биде во форма на стипендии, поддршка за организации или слично и ќе се дистрибуира преку минимум четири јавни повици во времетраењето на проектот.
Информации и поддршка за апликантите - вклучува активности како што се информативни сесии, обезбедување помош при апликации и советување, со цел да се зголеми достапноста на финансирање за украинските организации и уметници.
ТЕМА 3
Градење капацитети и вмрежување – проектните активности вклучуваат работилници, семинари, студии и мисии за зајакнување на капацитетот на секторот, со дополнителни мрежни активности што ги поврзуваат украинските уметници со колегите од земјите учеснички во Креативна Европа.
Буџетска и финансиска рамка
Вкупниот буџет на повикот е 5 милиони евра, поделен во три теми:
- ТЕМА 1: Максималниот износ на ЕУ поддршката е 2 милиони евра.
- ТЕМА 2: Максималниот износ на ЕУ поддршката е исто така 2 милиони евра.
- ТЕМА 3: Максималниот износ на ЕУ поддршката е 1 милион евра.
Вкупниот износ на финансирање по проект може да изнесува 90% од прифатливите трошоци, додека останатите 10% се на товар на апликантите. Времетраењето на проектите изнесува 36 месеци.
Квалификувани апликанти
- Конзорциум кој мора да вклучува најмалку две организации, од кои едната мора да биде од Украина, а другата од земја учесничка во Креативна Европа.
- Апликантите мора да бидат правни субјекти (приватни или јавни), додека физичките лица не се квалификувани за учество, освен ако не се самовработени лица.
- Организациите во рамките на конзорциумот мора да покажат финансиски и оперативни капацитети за спроведување на проектот.
Очекувани влијанија
- Зајакнување на културната соработка помеѓу Украина и другите земји од Креативна Европа, овозможувајќи им на културните организации од Украина да се поврзат со меѓународни партнери, да споделуваат знаење и да градат долгорочни партнерства.
- Пристап до културата и зачувување на културното наследство за украинците, вклучувајќи ги и раселените во Украина или како бегалците во другите земји на ЕУ. Културата ќе послужи како алатка за социјална кохезија и поддршка на менталното здравје.
- Подготовка на културниот сектор за повоеното закрепнување и реконструкција преку градење капацитети, вмрежување и поддршка за иновации во рамките на културниот сектор. Проектите финансирани преку овој повик треба да придонесат за социјалната и економската отпорност на Украина, потпирајќи се на културата како средство за градење поинклузивно и поотпорно општество.
Начин на подготовка и поднесување на предлог-проектите/апликацијата
- Предлог-проектите се подготвуваат во согласност со критериумите и условите наведени во документот за повикот: Support to the Ukrainian Cultural and Creative Sectors (CREA-CULT-2025-COOP-UA) Version 1.0, 30 October. Линк до повикот може да најдете тука
- Апликациите се обработуваат и се поднесуваат електронски преку Funding &Tenders Opportunity Portal (F&TP)
Информации за пристапување до F&TP може да најдете тука