Се одржа „ Сесија за музичката сцена“

By vladimir , 5 Мај, 2026
Се одржа „ Сесија за музичката сцена“

На 30 април 2026 година, „Лабораториум“ во Скопје беше домаќин на панел-дискусија посветена на тоа како се движи музиката од Балканот кон Европа — и кои сè фактори го ограничуваат тој пат.

Под наслов „Пробив? Музичка мобилност и структурни бариери на Балканот“, сесијата се фокусираше на различни аспекти од музичкиот екосистем — од можностите што ги нудат програмата Креативна Европа, европските и регионалните мрежи, како и контекстот на Скопје ЕПК 2028, до конкретните предизвици со кои се соочуваат уметниците: недостиг на професионална поддршка и менаџмент, слабо развиени извозни стратегии, ограничени буџети за турнеи и нерамномерен пристап до меѓународни можности.

Панелот обедини претставници од европски и локални институции, европски и регионални мрежи, менаџери на музички фестивали и артисти, создавајќи простор во кој различни перспективи се вкрстија околу едно заедничко прашање — како да се направи музичката мобилност пофер, поотворена и поодржлива.

На „Сесијата за музичката сцена“ свое учество зедоа Малгожата Шлендак, Советник за политики, Генерален директорат за образование, млади, спорт и културa (EAC); Данијела Јовиќ, Проектен службеник, Извршна агенција за образование и култура (EACEA); Рут Јакоби, генерален секретар, Европски Музички Совет (ЕМС); Гвендолен Шарп, основач на The Green Room; Рут Колева, SoAlive Music Conference / Sofia Live Festival; Верџина Бајкова, член на координативносто тело, Скопје Европска престолнина на културата 2028; Тамара Каминска, European Music Exporters Exchange – EMEE; Вејер Балаж, Hangvető, Унгарија; Космин Јонеску, Mastering the Music Business, Overground Music, Романија; Мирена Станева, Бугарска музичка асоцијација, Бугарија; Огнен Стојаноски, Пасворд продукција, Македонија.

Модератори на настанот беа Билјана Прентоска и Владимир Стојчевски од Канцеларијата за Креативна Европа МК и Анера Стопфер од Канцеларијата за Креативна Европа на Хрватска.

„Сесијата за музичката сцена“ беше организирана од Канцеларијата за Креативна Европа МК при Министерството за култура и туризам, во соработка со „Пасворд продукција“ од Скопје. Настанот беше дел од „Форумот за праведност во културната мобилност“, организиран од мрежата „Во движење“ (On The Move) и регионалната мрежа „Кооператива“.