Отворен е повикот во рамките на програмата Изведбена Европа (Perform Europe) за 2026 година

By lidija , 8 Јули, 2026
Отворен е повикот во рамките на програмата Изведбена Европа (Perform Europe) за 2026 година

Изведбена Европа (Perform Europe) е програма за финансиска поддршка наменета за меѓународна соработка во областа на изведувачките уметности во сите 41 земја што учествуваат во програмата Креативна Европа. Програмата поддржува партнерски проекти кои развиваат нови, поодржливи, поинклузивни и поправедни модели на меѓународни гостувања и турнеи.

По успешно реализираната пробна фаза (2020 – 2022) и второто издание на програмата (2023 – 2026), Изведбена Европа (Perform Europe) продолжува да функционира како голема европска иницијатива што ја спроведува конзорциум од шест организации: IETM – International network for contemporary performing arts, European Festivals Association (EFA), European Dance Development Network (EDN), Circostrada, Pearle* – Live Performance Europe и истражувачката организација IDEA Consult.  

Во рамките на двете фази се доделeни вкупно 3,5 милиони евра за 61 меѓународен проект за гостувања, во кои учествуваа 272 партнери, a во рамките на овие проекти беа претставени над 80 уметнички дела во 41 земја, при што беа развиени иновативни пристапи кон инклузивноста, одржливоста, пристапноста и меѓународната соработка.

Третото и последно издание на програмата во рамките на тековниот циклус на Креативна Европа (2021 – 2028) продолжува да го зајакнува европскиот екосистем на изведувачките уметности преку развој на поправедни, поеколошки и поинклузивни модели на меѓународно гостување, како и преку понатамошно поврзување и размена на знаења и практики развиени во претходните изданија на програмата.

ПРИОРИТЕТИ НА ПОВИКОТ

Проектните предлози треба да се фокусираат на еден од следните приоритети, истовремено земајќи ги предвид и мерките поврзани со вториот приоритет.

1. Разновидност и инклузивност

Разновидноста подразбира присуство на различности, а во изведувачките уметности се остварува преку вклучување лица со различни идентитети, потекла и животни искуства во процесите на создавање, презентација и развој на публика.

Инклузивноста се однесува на активно вклучување на маргинализираните групи во процесите на одлучување, уметничките активности и нивната видливост, како и создавање средина која ги почитува, ги поддржува и ги поттикнува сите учесници.

2. Борба против климатските промени

Изведбена Европа (Perform Europe) поддржува иновативни пристапи кон климатската акција, со акцент на праведни и општествено одговорни практики.

Секторот на изведувачките уметности може да придонесе преку: подигање на јавната свест, вклучување на заедниците кои се најпогодени од климатските промени, намалување на емисиите на јаглерод (вклучително и дигиталниот отпечаток), како и преку развој на поодржливи модели на продукција и меѓународни турнеи.

РОКОВИ

23 јуни 2026 – отворање на повикот

22 октомври 2026 – краен рок за поднесување проектни предлози

јануари 2027 – објава на избраните проекти

1 март 2027 – почеток на спроведување на проектите

31 јануари 2028 – завршување на проектите и турнеите

ИЗНОС НА ФИНАНСИСКАТА ПОДДРШКА

Програмата доделува вкупно 1,4 милиони евра за најмалку 25 партнерски проекти.

Поддршката е поделена во три категории:

15 000 евра – мала поддршка

25 000 евра – средна поддршка

55 000 евра – голема поддршка

Покрај основниот износ, може да се побараат дополнителни до 5 000 евра за активности поврзани со одржливост и пристапност. Така, вкупниот износ на поддршката по проект може да достигне 60 000 евра, при што може да се финансираат до 100% од прифатливите трошоци.

Дополнително, 5% од вкупниот буџет е резервиран за проекти кои вклучуваат украински партнери или го поддржуваат украинскиот сектор на изведувачки уметности.

Програмата ги финансира трошоците поврзани со реализација на меѓународни турнеи и презентација на веќе завршени уметнички дела или концепти подготвени за изведба.

Квалификувани трошоци: хонорари и надоместоци за уметници и соработници; патни трошоци; сместување и дневници; координација и администрација; комуникација и промоција; преводи и титлување; изнајмување простор и техничка опрема; транспорт на опрема; осигурување; дозволи; авторски права.

Дополнително може да биде обезбедено финансирање за: активности за работа со публика (работилници, разговори, едукативни програми); активности за јакнење на партнерството; мерки за пристапност; активности за намалување на еколошкиот отпечаток.

До 10% од буџетот може да се користи за подготвителни активности потребни за адаптација на уметничкото дело во различни контексти на изведба.

Програмата не финансира создавање нови уметнички дела, туку исклучиво нивна презентација и адаптација.

КАКО ДА СЕ АПЛИЦИРА?

Апликациите се поднесуваат исклучиво преку платформата Изведбена Европа (Perform Europe).

Сите апликанти во рамките на партнерството претходно треба да креираат корисничка сметка на платформата.

Водечкиот партнер ја поднесува апликацијата и ја презема административната одговорност за проектот во име на конзорциумот. 

Апликацијата се подготвува заеднички преку онлајн формулар во кој се внесуваат сите информации за проектот и се прикачува потребната документација, вклучително и буџетот.

КОЈ МОЖЕ ДА АПЛИЦИРА?

Право на пријавување имаат организации и индивидуални професионални уметници од областа на изведувачките уметности со седиште во една од земјите учеснички во програмата Креативна Европа  (27 земји членки на ЕУ и 14 асоцијативни земји).

Проектните предлози мора да вклучуваат најмалку три партнери од три различни земји на Креативна Европа.

Секој проект мора да опфати најмалку едно уметничко дело кое ќе биде претставено во најмалку три земји од програмата.

За развој на партнерства и пронаоѓање потенцијални соработници, достапна е онлајн платформата за поврзување (Matchmakingна Изведбена Европа (Perform Europe), наменета за поврзување на организации и професионалци од целата мрежа на земји учеснички.

ШТО СЕ ОЧЕКУВА ОД ИЗБРАНИТЕ ПРОЕКТИ?

Избраните проекти се однесуваат на меѓународни гостувања и презентација на најмалку едно уметничко дело преку најмалку три физички и/или дигитални изведби во најмалку три земји од програмата Креативна Европа.

Покрај самите изведби, во проектите може да бидат вклучени активности насочени кон продлабочување на уметничкото и општественото влијание на турнејата, како што се соработка со публика, работилници, едукативни програми и други партиципативни формати.

Посебен акцент e ставен на развојот на партнерството преку активности за јакнење на капацитетите, кои партнерите заеднички ги осмислуваат и ги спроведуваат со цел намалување на разликите во знаење и искуство. За овие активности мора да се издвојат најмалку 1,5% од вкупно доделената поддршка.

Проектите, исто така, се вклучени во пошироки процеси на размена на знаења и видливост во секторот преку комуникациски и дисеминациски активности, како: интервјуа, публикации, билтени и студии на случај, со цел споделување искуства и добри практики со професионалната заедница.

Во текот на спроведувањето на турнејата, во периодот од март 2027 до јануари 2028 година, сите избрани проекти ќе учествуваат на три онлајн peer-to-peer средби организирани од Изведбена Европа (Perform Europe), а трошоците за учество може да бидат вклучени во проектниот буџет.

Носителите на проектите се должни да ги почитуваат административните и извештајните барања на програмата и да обезбедат соодветни ресурси во рамките на буџетот за квалитетна реализација на проектот.

За повеќе информации за повикот и целокупната документација, посетете ја платформата Изведбена Европа (Perform Europe).

https://performeurope.eu/