Краен рок за пријавување: 3 август 2026 година
Европската платформа LINA (Learning, Interacting and Networking in Architecture) го објави петтиот јавен повик за учество во нејзината програма, наменет за нови таленти од областа на архитектурата и просторните практики. Активноста на платформата е кофинансирана од програмата „Креативна Европа“, а повикот е отворен за кандидати од земјите учеснички во програмата, вклучително и од РС Македонија.
Повикот е наменет за нови креативци, архитекти, дизајнери, истражувачи, теоретичари и други практичари кои работат на пресекот меѓу архитектурата и просторните практики, како и за поединци и интердисциплинарни тимови кои развиваат иновативни идеи и проекти поврзани со современите просторни и општествени предизвици. Особено се охрабруваат иницијативи што промовираат одржливост, регенеративни практики и нови пристапи кон користењето и обликувањето на просторот.
LINA обединува 35 партнерски организации од Европа и создава можности за професионално вмрежување, меѓународна соработка и размена на знаења меѓу новата генерација автори и водечките европски институции од областа на архитектурата и културата.
Во рамките на повикот ќе бидат избрани до 22 LINA Spotlight Fellows, кои ќе учествуваат на LINA Forum, што ќе се одржи на 22 и 23 октомври 2026 година во Барселона, во соработка со Fundació Mies van der Rohe.
За избраните учесници се обезбедени сместување, рефундација на патните трошоци до 350 евра за еден претставник од секој избран поединец или тим, како и промоција преку комуникациските канали на платформата.
Покрај избраните LINA Spotlight Fellows, и останатите пријавени кандидати можат да бидат разгледани за учество во активностите на LINA Architecture Programme 2026 – 2027, во рамки на кој се предвидени околу 90 соработки со партнерските организации.
Програмата опфаќа широк спектар активности, меѓу кои: уметнички резиденции, летни школи, менторски програми, истражувачки проекти, предавања, изложби, публикации, просторни интервенции и јавни дебати.
Соработките со партнерските организации се реализираат преку формални договори и вклучуваат хонорари, покривање на трошоци и јасно дефинирани услови за реализација на активностите.
Резултатите од повикот ќе бидат објавени на 15 септември 2026 година, а активностите ќе се реализираат во текот на 2026 и 2027 година во повеќе европски земји. Програмскиот циклус ќе заврши со LINA Festival, што ќе се одржи во април 2028 година во Љубљана, Словенија.
Заинтересираните кандидати можат да учествуваат на преостанатите информативни онлајн сесии, закажани за 16 јули, 30 јули и 3 август 2026 година, каде што ќе добијат информации за процесот на аплицирање, критериумите и можностите што ги нуди програмата.
LINA е европска платформа поддржана од програмата „Креативна Европа“, чија цел е да ја поттикне меѓународната видливост, мобилност и професионалниот развој на новите генерации европски автори преку соработка со водечки културни организации низ Европа.
Вашите проекти можете да ги поднесете преку официјалната веб-страница на платформата, каде што може да најдете повеќе информации за критериумите за аплицирање: