Европскиот парламент, Советот на Европската Унија и Европската комисија потпишаа заедничка декларација со која ја потврдуваат исклучително силната заедничка политичка заложба културата да биде поставена во срцето на стратешката агенда на Европската Унија.
Во време на брзи промени и нови глобални предизвици, заедничката декларација ја поставува културата во срцето на европскиот идентитет, потврдувајќи ја нејзината улога како темелен столб на европските вредности, отпорноста и одржливиот развој. Таа ги препознава културата и културното наследство како јавно добро, истовремено признавајќи ја нивната суштинска, општествена, граѓанска и економска вредност, како и улогата на Европската Унија како глобална културна сила.
По повод потпишувањето на заедничката декларација, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакна: „Денес повторно потврдуваме дека културата е душата на Европа – и нејзината најголема сила. Оваа декларација претставува ветување до нашите уметници, нашите граѓани и идните генерации: ветување дека ќе ја браниме слободата на уметничкото творештво, ќе вложуваме во креативноста и ќе обезбедиме културата да остане двигател на единството и напредокот – стратешки ресурс во денешните турбулентни времиња. Кога културата напредува, напредува и Европа“.
Дванаесет водечки принципи
Инспирирана од иницијативата „Културен компас за Европа“ (Culture Compass for Europe), заедничката декларација утврдува дванаесет водечки принципи за културните политики во Европа, кои се однесуваат на:
- слободата на уметничко изразување и правото на творење;
- културната и јазичната разновидност;
- пристапот до култура за сите;
- правични, фер, здрави и безбедни услови за работа на уметниците и културните професионалци;
- застапеноста и учеството на младите во културниот живот;
- синергијата меѓу културата, уметноста и образованието;
- придонесот на културата кон здравјето и благосостојбата;
- етичката и одговорна употреба, развој и управување со вештачката интелигенција;
- заштитата, зачувувањето и промовирањето на културното наследство;
- улогата на културата во поттикнувањето на регионалниот и територијалниот развој, отпорноста и социјалната кохезија;
- придонесот на културата кон еколошката одржливост;
- интегрирањето на културата и културното наследство во внатрешните и во надворешните политики на Европската Унија, инвестирањето во културата и следењето на постигнатиот напредок.
Трите институции се обврзуваат: да обезбедат посебна финансиска поддршка и разновидни извори на финансирање за културниот и креативниот сектор, да ја интегрираат културата во сите релевантни политики и финансиски инструменти на Европската Унија, да ги подобрат собирањето и анализата на податоци во областа на културата, да одржуваат континуиран дијалог со засегнатите страни и да ја промовираат заедничката декларација во рамките на надворешните односи на Европската Унија.
Повеќе информации може да најдете на следниов линк