Европскиот развој на мини слејт им овозможува на европските продуценти од земји со низок аудиовизуелен капацитет да ги прошират своите можности, да поттикнат иновации и да ги зацврстат своите позиции на пазарот.
Информациите на оваа страница се наменети само за општи информативни цели.
Ве молиме прочитајте го документот за повикот European Mini Slate Development 2026 за да ги проверите сите услови за подобност и барања.
Која е целта на финансиската поддршка?
Целта на поддршката за европски развој на мини слејт е да се засили конкурентноста на независните европски продукциски компании и да се зголеми нивната економска тежина на пазарот.
Дополнително, целта е да се зголеми капацитетот на аудиовизуелните продуценти за развој на проекти кои имаат потенцијал да се дистрибуираат низ Европа и пошироко, како и да се олесни европската и меѓународната копродукција.
Поддршката, исто така, ќе обезбеди можност за појава на нови таленти, давајќи им можност да режираат краток филм со поддршка на силната основа што ја обезбедуваат искусни продукциски компании.
Очекувани резултати
Посилна позиција на европските и на меѓународните пазари за компаниите избрани во рамките на развојот на европски слејт.
Подобрен квалитет, изводливост, прекуграничен потенцијал и пазарна вредност на поддржаните европски дела.
Повикот е отворен само за компании од земји со низок аудиовизуелен капацитет.
Кој може да аплицира?
За да бидат квалификувани, апликантите (корисници на грант и поврзани субјекти) мора:
да бидат правни лица (јавни или приватни организации);
да бидат основани во една од квалификуваните земји, односно земјите учеснички во Креативна Европа:
Компанијата мора да биде основана во една од земјите со низок аудиовизуелен капацитет (LCC група А и LCC група Б) кои целосно учествуваат во потпрограмата МЕДИА на Креативна Европа и мора да биде директно или индиректно, целосно или мнозински во сопственост на државјани од тие земји.
Кога компанијата е јавно котирана на берза, локацијата на берзата во принцип ја одредува нејзината националност.
Земји со низок аудиовизуелен капацитет
LCC група А: Хрватска, Чешка Република, Естонија, Грција, Полска, Португалија, Романија.
LCC група Б: Бугарија, Кипар, Унгарија, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Словачка, Словенија.
Трети земји
Следните трети земји, исто така, се сметаат за дел од LCC група Б, доколку ги исполнуваат условите за учество во овој повик: Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Лихтенштајн Црна Гора, РС Македонија, Република Србија, Украина.
Услови за продукциски компании
Компаниите мора да имаат неодамнешно искуство во продукција на дела со меѓународна дистрибуција.
При поднесување на апликацијата, апликантот мора да докаже дека има продуцирано најмалку едно дело од 2019 година наваму кое ги исполнува следниве услови:
– анимиран, игран или креативен документарен проект (самостоен проект или серија) со вкупно времетраење од најмалку 24 минути;
– доколку станува збор за имерзивен проект (на пример виртуелна реалност), нема минимално времетраење.
Делото мора да било:
прикажано во кино (или еквивалентно за имерзивни проекти базирани на локација);
емитувано на телевизија;
или достапно преку дигитални платформи;
во најмалку 3 земји различни од земјата на апликантот пред крајниот рок за поднесување апликации.
Прикажувањата или емитувањата мора да бидат од комерцијална природа. Фестивалските проекции не се сметаат за комерцијална дистрибуција.
Во однос на претходното дело, апликантот мора да докаже дека:
бил единствената продукциска компанија; или
во случај на копродукција со друга продукциска компанија, бил главен копродуцент во финансискиот план или бил наведен како извршен продуцент; или
извршниот директор или еден од сопствениците има личен кредибилитет како продуцент или извршен продуцент на делото.
Што се поддржува?
Поддршка ќе добијат независни европски продукциски компании кои можат да развиваат пакет (слeјт) од 2 до 3 аудиовизуелни дела:
играни филмови;
анимирани дела;
креативни документарни филмови.
Ова треба да им овозможи на продукциските компании да ги намалат ризиците и да го зголемат својот капацитет за привлекување и задржување таленти.
Европскиот развој на мини слејт обезбедува поддршка за развој на најмалку 2 и најмногу 3 дела наменети за комерцијална експлоатација преку:
кинодистрибуција;
телевизиско емитување;
комерцијална експлоатација на дигитални платформи;
мултиплатформска средина.
Апликантите можат дополнително да вклучат краток филм од нов талент во својот пакет (опционално).
Целта е да се обезбедат средства за развој на дела со висока креативна вредност, културна разновидност и голем потенцијал за прекугранична дистрибуција.
Компаниите се охрабруваат уште во фазата на развој да подготват стратегии за маркетинг и дистрибуција, со што ќе се подобри потенцијалот за достигнување публика на европско и меѓународно ниво.
Апликациите треба да вклучат соодветни стратегии за:
поодржлива и еколошки одговорна индустрија;
родова рамноправност;
инклузија;
разновидност и репрезентативност.
Дела кои не се квалификувани за поддршка:
снимки во живо, телевизиски игри, ток-шоуа, кулинарски емисии, списанија, ТВ-емисии, реални шоуа, образовни и наставни програми;
документарци за промоција на туризам, „making-of“ материјали, репортажи, документарци за животни, вести и „docu-soap“ формати;
проекти што содржат порнографски или расистички материјали или промовираат насилство;
дела со промотивен карактер;
институционални продукции за промоција на одредена организација или нејзини активности;
музички видеа и видеоспотови;
видеоигри, електронски книги и интерактивни книги;
студентски филмови или дипломски проекти.
Колкава поддршка може да се добие?
Буџетот на проектот (побараниот грант) изнесува:
од 60 000 до 310 000 евра по проект.
Доделениот грант може да биде понизок од побараниот износ.
Грантот се доделува како паушална сума, односно фиксен износ кој не е директно поврзан со реалните трошоци.
Фиксните износи се:
Анимација – самостоен проект: 55 000 €
Анимациска серија: 60 000 €
Креативен документарец – самостоен проект: 30 000 €
Креативна документарна серија: 35 000 €
Игран филм со продукциски буџет до или еднаков на 5 милиони евра: 45 000 €
Игран филм со буџет над 5 милиони евра: 60 000 €
Играна серија со буџет до или еднаков на 5 милиони евра: 55 000 €
Играна серија со буџет над 5 милиони евра и до 20 милиони евра: 75 000 €
Играна серија со буџет над 20 милиони евра: 100 000 €
Краток филм: 10 000 €
Како да аплицирате?
Во документот за повикот European Mini Slate Development 2026 можете да ги најдете релевантните информации за повикот и начинот за аплицирање.
Апликациите за овој повик ќе се поднесуваат преку Порталот на Европската комисија за можности за финансирање и тендери (Funding & Tender Opportunities Portal – F&TP).
Информации за пристап и користење на порталот F&T може да најдете на следниов линк: