Десет години „Креативна Европа“: Извештај на Европската комисија
Европската комисија ја објави конечната евалуација на програмата „Креативна Европа“ за периодот 2014 – 2020 година, заедно со меѓуевалуацијата на тековната програма 2021 – 2027 година. Резултатите потврдуваат дека програмата значајно придонесла за зачувување на културната разновидност и за зајакнување на конкурентноста, особено во аудиовизуелниот сектор.
Евалуацијата се темели врз надворешна студија спроведена од „ECORYS Europe“ и „KEA European Affairs“ и опфати широка анализа на податоци и индикатори за влијанието на трите структурни столба на програмата – „Култура“, „МЕДИА“ и „Меѓусекторска потпрограма“ – во периодот 2014 – 2023 година.
Во рамките на потпрограмата „Култура“, „Креативна Европа“ поддржа над 1 800 културни проекти во Европа и пошироко, со што придонесе да се развие силен европски културен екосистем. Програмата одигра клучна улога во поттикнувањето прекугранична соработка, вклучувајќи 4 200 организации во транснационални проекти во периодот 2014 – 2020 година и дополнителни 2 500 организации во периодот 2021 – 2023 година.
Поддршката за мобилност, културни мрежи и платформи значително ги зајакна капацитетите и вештините во културните и креативните сектори и придонесе да се интернационализираат кариерите на културните професионалци, со финансирани речиси 300 000 денови на мобилност до 2020 година и над 160 000 денови во периодот 2021 – 2023 година. Програмата, истовремено, ја поттикна културната разновидност, како и циркулацијата на европски книжевни дела, со над 4 500 преводи на литературни дела.
„Креативна Европа“ помогна културните и креативните организации да допрат до нова публика надвор од националните и јазичните граници, при што културните активности поддржани во периодот 2014 – 2020 година беа посетени најмалку 91,5 милиони пати. Програмата, исто така, даде значаен придонес кон пошироките политики на ЕУ во областа на одржливоста, социјалната инклузија, родовата еднаквост и културната дипломатија, покажувајќи голема отпорност и флексибилност за време на кризни периоди, како пандемијата на КОВИД-19 и војната во Украина.
Важна улога во успехот на програмата имаа и канцелариите за „Креативна Европа“, како клучна поддршка за потенцијалните апликанти, особено за помалите организации. Врз основа на научените лекции од евалуацијата, програмата и нејзините идни наследници ќе можат да ги надградат постигнатите резултати и да постават поамбициозни цели.
Повеќе информации за Извештајот можете да најдете тука.