По големата заинтересираност на јавноста, Европската комисија ја пушти во употреба новата јавна платформа со податоци (dashboard) за програмата „Креативна Европа“, која овозможува преглед на резултатите на програмата низ годините.
Dashboard е интерактивна алатка која овозможува едноставен пристап до клучните информации за програмата „Креативна Европа“ и увид во нејзиниот развој во програмските периоди од 2014 до 2020 и од 2021 до 2027.
НОВАТА ЈАВНА ПЛАТФОРМА СО ПОДАТОЦИ ГО ОЛЕСНУВА РАЗБИРАЊЕТО НА ПРОГРАМАТА ПРЕКУ РЕЗУЛТАТИ И СТАТИСТИКА
Колку проекти поддржа „Креативна Европа“ во изминатите години? Во кои културни и креативни сектори беа активни? Колку корисници на грантови добија поддршка преку „Културата ја движи Европа“ (Culture Moves Europe) во последните години? Од каде и каде патуваат корисниците на грантови низ Европа и пошироко?
Овие и многу други податоци сега се достапни преку интерактивната платформа, која на сите заинтересирани им овозможува пристап до клучните показатели за успешноста на програмата и до релевантни податоци. Придружната страница „Creative Europe in Numbers“ ги води корисниците низ платформата и нуди однапред подготвени динамични графикони за полесно запознавање со богатата база на податоци на програмата.
Платформата е развиена со цел да ги зголеми транспарентноста и видливоста на резултатите од програмата, но и да ги доближи податоците до пошироката јавност – од истражувачи и новинари до културни работници и професионалци.
Корисниците се поканети самостојно да ги истражуваат податоците со помош на приспособливи филтри, кои овозможуваат пребарување според конкретни интереси, како што се земја или културен и креативен сектор.
Новата алатка им овозможува на корисниците:
да ги истражуваат клучните показатели на програмата „Креативна Европа“;
да ги анализираат проектите и финансирањето низ годините;
да ги следат трендовите во културниот и креативниот сектор.
Платформата е дополнета и со страница за визуелно претставување и интерпретација на податоците, која комбинира текстуални објаснувања со графикони и визуализации, правејќи ги податоците подостапни и полесни за разбирање.
Корисниците можат да го приспособат приказот на податоците според сопствените потреби преку:
филтрирање по година, програмски потстолб (strand), земја на апликантот и други критериуми;
преземање графикони и мапи како слики или збирки на податоци;
детално истражување на поединечни аспекти од програмата.
Ова високо ниво на приспособливост ја прави платформата особено корисна за анализи, известување и подготовка на нови проекти.
ПОСЕБНИ КАРАКТЕРИСТИКИ – ФОКУС НА ПОТПРОГРАМАТА КУЛТУРА
Една од главните особености на платформата е посебниот дел посветен на потпрограмата „Култура“, кој, покрај прегледот на податоци по културни и креативни сектори, овозможува и истражување на податоците за мобилноста на уметниците и културните професионалци во рамките на иницијативата „Културата ја движи Европа“ (Culture Moves Europe). На овој начин се овозможува подобро разбирање на меѓународната соработка и движењето на културните професионалци во европскиот културен простор.
ДЕЛ ОД ПОШИРОКАТА ДИГИТАЛНА СТРАТЕГИЈА
Оваа јавна платформа со податоци ја следи практиката на слични алатки развиени за програмите „Erasmus+“ и „Marie Skłodowska-Curie Actions“, со што дополнително се потврдува определбата на Европската Унија за отворени податоци и поголема транспарентност.
КАКО ДА ПРИСТАПИТЕ?
На платформата може да пристапите преку следниов линк: