На 14 и 15 октомври 2025 г. се одржа дводневниот транснационален настан на тема: „Унапредување на културното наследство преку европска соработка - мрежи, мобилност и можности за финансирање од ЕУ“, во просториите НУ Порта и Европската куќа Скопје, Македонија.
Настанот беше организиран од Канцеларијата за Креативна Европа и Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, а во партнерство со: Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Министерството за образование и наука, Агенцијата за европски образовни програми и мобилност, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Битола, НУ Археолошки музеј на РС Македонија, НУ Стоби, Филозофски факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ , Скопје, Центар за нови иницијативи во уметноста и културата – Локомотива, Скопје.
Тематскиот фокус на настанот беше културното наследство како основа врз која се темелат политиките на Европската Унија и можностите за финансирање преку програмите „Креативна Европа“, „Еразмус+“ и „Хоризонт Европа“. Беа претставени активности и добри практики на европски и на регионални мрежи кои играат клучна улога во поддршката на транснационалната соработка, мобилноста и развојот на европски проекти.
Настанот, со воведно обраќање го отвори министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Покрај домашните професионалци од институциите и организациите корисници на овие програми на Унијата, на настанот учествуваа и европски експерти во областа на културното наследство, и тоа: Маргерита Сани, вонреден професор на Универзитетот во Болоња, координатор на проектот LEM во рамките на NEMO (Мрежа на европски музејски организации), проф. Пјер Џакомо Сола, виш истражувач во европската мрежа „Michael Culture“ од Италија и д-р Кришна Чандрамули, Венека ЕУ, од Велика Британија.
Настанот беше наменет за потенцијални и постојни корисници на програмите на ЕУ: јавни институции, здруженија, општини, образовни установи и организации кои дејствуваат во областа на културното наследство во поширок контекст.
