Изведбена Европа (CREA-CULT-2026-PERFORM – EU)

By vladimir , 28 Ноември, 2025
Европската комисија објави нов повик во рамките на иницијативата „Изведбена Европа (Perform Europe)“...

Европската комисија објави нов повик во рамките на иницијативата „Изведбена Европа (Perform Europe)“, кој ќе поддржи организација или конзорциум од организации што ќе бидат одговорни за развивање и управување со следната фаза на Perform Europe – европска платформа осмислена за да ги направи прекуграничната турнеја и дигиталната дистрибуција на дела од изведувачките уметности поодржливи, поинклузивни и поиновативни. 

Вкупниот буџет на повикот изнесува 2 милиона евра, од кои најмалку 70 % се наменети за каскадни грантови што поддржуваат проекти во изведувачките уметности, и тоа: театар, танц, перформанс, циркус и кукларство.


Цел 

Надоврзувајќи се на постигнувањата од првите две фази, оваа нова фаза на „Изведбена Европа (Perform Europe)“ има цел да тестира и да промовира нови модели на турнеи во земјите учеснички во програмата „Креативна Европа“ кои:
•    го намалуваат негативното влијание врз животната средина;
•     ги зајакнуваат правичните работни услови;
•     промовираат инклузивни продукции;
•     го подобруваат пристапот до разновидна публика и разновидни заедници.

 

Активности

Повикот е отворен за организации или конзорциуми од организации со докажана експертиза во изведувачките уметности и прекуграничната соработка. Избраниот корисник ќе треба:
•    да ja дизајнира и да управува со дигиталната платформа „Perform Europe (2026 – 2028)“;
•    да организира отворени повици за финансирање проекти за турнеја и дистрибуција преку каскадни грантови;
•    да обезбеди активности за јакнење на капацитетите, менторство и размена на знаења;
•    да ги одржува и да ги надградува дигиталната инфраструктура и алатката за поврзување (matchmaking);
•    да развие активности за допирање до публика, брендирање и комуникација;
•    да собира, да анализира и да шири податоци и да придонесува за развој на политики во секторот на изведувачките уметности.

 

Приоритети

Сите активности во рамките на „Изведбена Европа (Perform Europe)“ треба да придонесат за:
•    правична и одржлива прекугранична мобилност;
•    инклузија, разновидност и родова еднаквост;
•    зелена и дигитална транзиција во изведувачките уметности;
•    имплементација на подобри работни услови и правичен надомест за уметниците и културните професионалци;
•    еднаков пристап на помладите генерации до можности за дистрибуција;
•    поддршка за украинските уметници и културни оператори.

 

Времетраење: Грантот покрива период од 24 месеци (2026 – 2028).

 

Квалификувани апликанти

На повикот може да се јават правни лица активни во секторот на изведувачките уметности и основани во земјите учеснички во програмата „Креативна Европа“.

Апликациите може да ги поднесе:

•    една организација;

•    конзорциум составен од најмалку три организации од три различни квалификувани земји.

 

Начин на подготовка и поднесување на предлог-проектите/апликацијата

•    Предлог-проектите се подготвуваат во согласност со критериумите и условите наведени во  документот за повикот: (CREA-CULT-2026-PERFORM-EU), Version 1.0, 30 October 2025. Повикот и документот на повикот можете да ги најдете тука.

•    Апликациите се обработуваат и се поднесуваат електронски преку Funding &Tenders Opportunity Portal (F&TP). Информации за пристапување до F&TP може да најдете тука.

Повеќе информации за акцијата „Изведбена Европа (Perform Europe)“ може да најдете тука.