Овој повик е отворен во рамките на Меѓусекторската потпрограма на „Креативна Европа“ заради развивање соработка меѓу аудиовизуелниот и други културни и креативни сектори. Предлог-проектите треба јасно да ги потврдат меѓусекторскиот пристап, условите за негова имплементација и очекуваните придобивки за сите сектори што се опфатени со проектите. За повикот е обезбеден буџет во вкупен износ од 7.021.561 евро.
Цел
Повикот има цел да поттикне соработка меѓу аудиовизуелниот сектор и секторите за музика, книги и музеи, за да се поддржи нивната еколошка транзиција и/или да се зајакне нивната конкурентност и да се подобри прекуграничната циркулација, видливост, разновидност и достапност до публиката на европските содржини. Поддршката, исто така, има цел да му овозможи на европскиот аудиовизуелен сектор и на овие три сектори (музика, книги и музеи) подобро да се приспособат на можностите што ги нудат вештачката интелигенција и виртуелните светови.
Во рамките на повикот ќе се поддржат проекти насочени кон осмислување, развој и/или ширење на иновативни алатки, модели или решенија применливи во аудиовизуелниот сектор (задолжително), како и во најмалку еден од секторите за музика, книги или музеи.
Аудиовизуелниот сектор ги опфаќа сите активности, односно компании поврзани со развој, продукција, дистрибуција, промоција и циркулација на следниве содржини:
• играни филмови, анимации и креативни документарни филмови наменети, пред сè, за киноприкажување;
• аудиовизуелни дела фикција (единечни или серијали), анимации (единечни или серијали) и креативни документарни филмови (единечни или серијали) наменети, пред сè, за емитување на телевизија или за прикажување на дигитални платформи;
• интерактивни, нелинеарни дела фикција, анимирани или креативни документарни проекти (на пример, наративни проекти со виртуелна реалност);
• наративни видеоигри и интерактивни наративни имерзивни искуства.
За да се смета проектот за наративен, приказната мора да биде раскажана или прикажана во текот на целата видеоигра (внатре во играта – in-game storytelling) или во интерактивното имерзивно искуство, а не само како вовед или крај.
Очекувани резултати
• Подобрување на конкурентноста на европскиот аудиовизуелен, културен и креативен сектор: зголемена транспарентност, собирање податоци и соодветна употреба на вештачка интелигенција/големи податоци (big data), како и приспособување кон предизвиците и можностите што произлегуваат од тековните промени во овие сектори;
• Подобрување на приспособувањето на европскиот аудиовизуелен, културен и креативен сектор кон можностите што ги нуди развојот на виртуелните светови (познати и како метаверзум(и));
• Подобрување на продукцијата/финансирањето и циркулацијата на европските аудиовизуелни и културни содржини во дигиталната ера;
• Зголемување на видливоста, достапноста и разновидноста на европските аудиовизуелни и културни содржини во дигиталната ера;
• Проширување на потенцијалната публика за европските аудиовизуелни и културни содржини во дигиталната ера;
• Забрзување на еколошката транзиција на европскиот аудиовизуелен, културен и креативен сектор, во согласност со приоритетите на Европскиот зелен договор и Новата европска Баухаус-иницијатива.
Активности што ќе бидат поддржани
Проектите треба да се насочат кон една (или повеќе) од следниве теми:
• Виртуелни светови како нова средина за промоција на европската содржина, обновување на публиката и зголемување на конкурентноста на релевантните европските индустрии.
• Иновативни бизнис-алатки за продукција, финансирање, дистрибуција или промоција, овозможени или унапредени преку нови технологии (вештачка интелигенција, големи податоци, блокчејн, виртуелни светови, NFT и др.), особено во следниве области:
– Управување со авторски права и монетизација (вклучувајќи иновативни комбинирани претплатнички понуди за пристап до разновидни европски културни содржини од различни постојни европски платформи), при што истовремено се обезбедува транспарентност и правичен надомест за креаторите и уметниците;
– Собирање и анализа на податоци, со посебен фокус на антиципација во создавањето содржини и развојот на публика (вклучувајќи иновативни меѓусекторски алатки за подобрување на квалитетот на услугата за претплатници и подобра валоризација на европската содржина што ја нудат европските онлајн платформи).
• „Зелени“ практики насочени кон намалување на штетното влијание врз животната средина од аудиовизуелниот и од другите културни сектори, во согласност со Зелениот договор на Европската комисија и иницијативата Нов Баухаус.
Апликациите треба да вклучуваат соодветни стратегии за обезбедување постабилна и поеколошки одговорна индустрија, како и за промовирање родова рамнотежа, инклузивност, разновидност и застапеност.
Активности што не се поддржуваат:
• Мултимедијални уметнички проекти и инсталации;
• Имерзивни тури, настани, музички видеа и имерзивни искуства користени во малопродажба;
• Дела со промотивна природа кои се дел од промотивна кампања или рекламирање за специфична дестинација (туризам), производ и/или бренд, како и институционални продукции за промоција на специфична организација или нејзините активности;
• Референтни дела (енциклопедии, атласи, каталози, бази на податоци и слично), „how-to“ дела (инструктивни водичи, прирачници и слично) и (интерактивни) е-книги;
• Проекти кои се фокусираат на снимки од живи настани, ТВ-игри, ток-шоу програми, кулинарски емисии, магазини, телевизиски шоу-програми, вести, медиумска писменост, реално шоу, образовни, наставни и „how-to“ програми;
• Документарни филмови кои промовираат туризам, „making-of“ содржини, репортажи, репортажи за животни, информативни програми и „доку-соп“ формати;
• Проекти кои содржат порнографски или расистички материјали или поттикнуваат насилство;
• Платформи за електронско учење/E-learning.
Трошоци поврзани со продукција/развој на содржини и организација на културни настани не се поддржуваат во рамките на овој повик.
Квалификувани апликанти
На овој повик може да аплицираат правни лица (приватни или јавни) кои се регистрирани и дејствуваат во земјите учеснички во програмата „Креативна Европа“.
Апликацијата може да ја поднесе еден партнер или конзорциум составен од најмалку два партнера.
Поканети се да учествуваат голем број организации, вклучително и приватни и јавни субјекти, технолошки компании и стартапи, како и аудиовизуелни, културни и креативни организации. Особено се охрабрува учеството на бизнис-инкубатори и акцелератори, со цел да се обезбеди простор и време за развивање на креативните идеи.
Времетраење на проектите: до 24 месеци.
Начин на подготовка и поднесување на предлог-проектите/апликацијата
• Предлог-проектите се подготвуваат во согласност со критериумите и условите наведени во документот за повикот: Creative Innovation Lab (CREA-CROSS-2026 – INNOVLAB), Version 1.0, 21 October 2025. Линкови до повикот може да најдете тука и до документот на повикот тука.
• Апликациите се обработуваат и се поднесуваат електронски преку Funding &Tenders Opportunity Portal (F&TP) на следниов линк.
Повеќе информации за повикот може да добиете на онлајн сесија во организација на Европската комисија, што ќе се одржи на 20 јануари 2026 година од 10:30 до 12:30 часот.
За учество на онлајн сесијата користете го следниов линк.