Европските новинарски сектори, како еден од столбовите на демократијата, се соочуваат со сериозни предизвици, особено поради дигиталната трансформација. Преминот кон онлајн медиуми доведе до пад на приходите од рекламирање кај традиционалните медиуми и ја загрози економската одржливост на професионалното новинарство. Многу медиуми згаснуваат, а со тоа се намалува медиумската разноликост и се нарушува стабилното функционирање на демократијата.
Преку овој повик се вложуваат напори за надминување на ваквите проблеми. Повикот е отворен во рамките на Меѓусекторската потпрограма на „Креативна Европа“ која поттикнува меѓусекторска соработка и иновации не само во културните и креативните сектори (вклучително и аудиовизуелниот), туку и во секторот на информативни медиуми, а со цел развој на разновидна, независна, слободна и плуралистичка медиумска средина, квалитетно новинарство и медиумска писменост. Вкупниот буџет за овој повик изнесува 6 900 000 евра. Максималната поддршка по проект изнесува 2 500 000 евра, со максимална стапка на финансирање од Европската Унија од 90 % од вкупните прифатливи трошоци на проектот. Оттука, апликантите треба да ги кофинансираат своите проекти и од други извори.
Цел
Повикот „Новинарски партнерства – плурализам“ има цел да ги поддржи медиумските сектори кои имаат особено значење за демократијата и за граѓанското учество преку нивно приспособување кон дигиталното опкружување и надминување на структурните предизвици, како намалување на редакциите и појавата на „медиумски пустини“. Поддршката е наменета за организации со искуство во медиумската област преку доделување каскадни грантови (натамошна распределба на грантови/поддршка за трети страни).
Приоритети
Проектите треба да се фокусираат на медиумските сектори со особено значење за демократијата и за граѓанското учество, односно на улогата што тие ја играат во зајакнување на демократијата, обликување на јавната дебата и остварување придобивки за публиката и за заедниците.
Предлог-проектите треба да воспостават финансиски шеми за поддршка на трети страни, со обврска најмалку 60 % од вкупниот износ на грантот да се посвети на тоа. Финансиските шеми за поддршка на трети страни треба да бидат насочени кон медиумски куќи, организации, локални и регионални медиуми, медиуми на заедниците, истражувачко новинарство и организации што обезбедуваат вести од јавен интерес, на начини кои ја зајакнуваат плуралистичката медиумска сцена низ Европската Унија. Особено се охрабруваат да аплицираат непрофитни и граѓански организации.
Активности
Фокусот треба да биде на активности кои придонесуваат за одржување, подобрување или трансформација на работата на целните групи. Активностите, меѓу другото, можат да вклучуваат:
• иновации во уредничката продукција (пр. формати, содржини), известувањето и во моделите на приходи;
• подобрување на дистрибуцијата и на ширењето на вестите;
• развој на публиката и стратегии за зајакнување на заедницата;
• развој на технички алатки што се применуваат на горенаведените теми;
• обуки за горенаведените теми.
Апликантите задолжително мора да развијат, да презентираат и да спроведат финансиска шема за распределба на грантови, т. е. повторно финансирање/поддршка за трети страни. Тие треба да опфатат колку што е можно повеќе географски области и медиумски организации. Финансиската помош за трети страни е можна под следниве услови:
• повиците мора да бидат отворени, широко објавени и во согласност со стандардите на ЕУ за транспарентност, еднаков третман, конфликт на интереси и доверливост;
• повиците мора да бидат отворени најмалку два месеца;
• резултатите од повиците треба да бидат објавени на веб-страниците на учесниците, вклучувајќи опис на избраните проекти, датум на доделување, траење на проектите, како и правни имиња и држави на крајните корисници;
• повиците мора да имаат јасна европска димензија.
Можно е проектите да предвидуваат и придружни активности, како на пр. развој на деонтолошки и управувачки стандарди, буџетска подготвеност, правни совети, обуки и сл. Во предлог-проектот треба да се објасни како предложените активности ќе придонесат за решавање на идентификуваните проблеми.
Предлог-проектите треба да поддржат медиумски пазари со ограничен плурализам и низок пристап до вести и да предвидат конкретни резултати со јасни и мерливи индикатори за успех. Исто така, проектите мора да ги почитуваат професионалните стандарди и уредничката независност, како и да вклучат стратегии за одржлив и еколошки одговорен медиумски сектор.
Активностите мора да се спроведуваат во квалификуваните земји, и во најмалку 4 земји членки на ЕУ.
Квалификувани апликанти
Предлог-проектите може да бидат поднесени од поединечни организации или конзорциуми со најмалку два апликанти од земји кои учествуваат во програмата „Креативна Европа“.
Квалификувани апликанти се правни субјекти, како што се медиумски здруженија, невладини организации, непрофитни организации, организации од граѓанското општество, јавни институции, универзитети, истражувачки центри, новинарски фондови и организации за обука на медиумски професионалци, профитни субјекти, фондации итн.
Времетраење на проектите: до 24 месеци
Начин на подготовка и поднесување на предлог-проектите/апликацијата
• Предлог-проектите се подготвуваат во согласност со критериумите и условите наведени во документот за повикот: NEWS - Journalism Partnerships (CREA-CROSS-2026-JOURPART), Version 1.0, 21 October 2025. Линкот до повикот и документот на повикот можете да го најдете тука.
• Апликациите се обработуваат и се поднесуваат електронски преку Funding &Tenders Opportunity Portal (F&TP). Информации за пристапување до F&TP можете да најдете тука.