Европските новинарски сектори, како еден од столбовите на демократијата, се соочуваат со сериозни предизвици особено поради дигиталната трансформација. Преминот кон онлајн медиуми доведе до пад на приходите од рекламирање кај традиционалните медиуми и ја загрози економската одржливост на професионалното новинарство. Многу медиуми згаснуваат, а со тоа се намалува медиумската разноликост и се нарушува стабилното функционирање на демократијата.
Преку овој повик се вложуваат напори за надминување на ваквите предизвици. Повикот е отворен во рамките на Меѓусекторската потпрограма на „Креативна Европа“ која поттикнува меѓусекторска соработка и иновации не само во културните и креативните сектори (вклучително и аудиовизуелниот) туку и во секторот на информативни медиуми, а со цел развој на разновидна, независна, слободна и плуралистичка медиумска средина, квалитетно новинарство и медиумска писменост. Вкупниот буџет за овој повик изнесува 6 900 000 евра. Максималната поддршка по проект изнесува 2 000 000 евра, со максимална стапка на финансирање од Европската Унија од 80 % од вкупните прифатливи трошоци на проектот. Оттука, апликантите треба да ги кофинансираат своите проекти и од други извори.
Цел
Повикот „Новинарски партнерства – соработка“ поддржува колаборативни проекти во и меѓу кој било новинарски (пот)сектор и/или жанр, чија цел е да ја зацврстат соработката, да им помогнат на медиумите да се адаптираат на новата економска и потрошувачка реалност и да иницираат системска промена во тој (пот)сектор.
Приоритети
Проектите треба да се насочат кон поттикнување на колаборативни промени и иновации во деловниот модел, технологијата и/или продукцијата.
Целта на проектите може да биде, меѓу другото, развој на подобри модели за приход и монетизација, нови пристапи за развој на публиката, градење заедница и маркетинг, развој на заеднички професионални/технички стандарди, нови типови новинарски редакции, синдикални мрежи или други модели за размена на содржини/податоци меѓу медиуми низ ЕУ, или обезбедување поддршка за мали медиумски организации. Нивната цел може да биде зголемување на ефикасноста и квалитетот на известувањето преку иновативна новинарска соработка. Проектите може да тестираат иновативни методи и формати на продукција или да придонесат кон воспоставување високи стандарди за медиумско производство преку различни облици на соработка. Проектите може да имаат цел зголемување на размената на добри практики меѓу новинарите и оптимизирање на работните процеси за оние жанрови на новинарство што бараат повеќе време и ресурси.
Предлог-проектите може да опфаќаат еден или повеќе од приоритетите наведени погоре, ако се релевантни и базирани врз анализа на потребите на избраниот (пот)сектор. Анализата на потребите треба да се обезбеди во самиот предлог-проект и да се објасни како предложените активности ќе придонесат за справување со идентификуваните предизвици.
Активности
Проектните активности може да вклучуваат настани, онлајн обуки и работилници за медиумски професионалци, програми за размена, менторски шеми, мапирање на добри практики, развој на технички стандарди на ниво на сектор, развој на упатства и уреднички стандарди, производство на практични водичи, развој и тестирање на платформи и технички решенија за размена на идеи и добри практики, промотивни активности или други активности чија цел е да ја обезбедат одржливоста на секторот. Се охрабрува споделување на добри практики меѓу оператори во медиумските пазари/земји/регии со различни и разновидни карактеристики (во однос на јазици, обем на производство, големина, ниво на дигитализација итн.), за промоција на меѓусебно учење. Апликантите се охрабруваат да разгледаат активности што го поддржуваат медиумскиот сектор кој нема средства за адаптација во дигиталната средина.
Проектите треба да изберат активности со потенцијал за системска промена во избраниот (пот)сектор и да предвидат конкретни резултати со јасни и мерливи индикатори за успех.
Исто така, проектите мора да ги почитуваат професионалните медиумски стандарди и уредничка независност, како и да вклучат стратегии за одржлив и еколошки одговорен медиумски сектор.
Квалификувани апликанти
Предлог-проектите мора да бидат поднесени од конзорциум составен од најмалку три партнери од најмалку три различни земји кои учествуваат во програмата „Креативна Европа“.
Конзорциумите може да вклучуваат непрофитни, јавни и приватни медиумски куќи (вклучувајќи печатени и онлајн медиуми, радио, поткасти, телевизија итн.), како и други организации кои работат во областа на информативните медиуми (вклучувајќи медиумски здруженија, невладини организации, новинарски фондови и организации за обука на медиумски професионалци и слично).
Времетраење на проектите: до 24 месеци
Начин на подготовка и поднесување на предлог-проектите/апликацијата
• Предлог-проектите се подготвуваат во согласност со критериумите и условите наведени во документот за повикот: NEWS - Journalism Partnerships (CREA-CROSS-2026-JOURPART), Version 1.0, 21 October 2025. Линкот до повикот и до документот на повикот можете да го најдете тука.
• Апликациите се обработуваат и се поднесуваат електронски преку Funding &Tenders Opportunity Portal (F&TP). Информации за пристапување до F&TP можете да најдете тука.