Министерството за култура и Агенцијата за филм на Република Македонија, во рамките на спроведувањето на програмата Креативна Европа (Култура и МЕДИА), организираа дводневен настан, во соработка со Канцеларијата за Креативна Европа на Република Словенија и организацијата за европски програми Еуклид од Велика Британија.
Настанот се одржa на 13 октомври 2016 во Порта Македонија и на 14 октомври 2016 во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ во Скопје.
Во текот на двата дена беше претставена програмата Креативна Европа (Култура и МЕДИА), се презентираа словенечките и британските искуства, а се одржаа и посебни работилници за Култура и МЕДИА, на кои заинтересираните оператори од културниот и аудиовизуелниот сектор, имаа можност да добијат конкретни информации и насоки во однос на проектите кои ги подготвуваат за претстојните повици за аплицирање.
Настанот со свои обраќања го отворија Министерката за култура на Македонија, Елизабета Канческа Милевска и Директорката на Агенцијата за филм на Македонија, Мими Ѓоргоска Илиевска.
Министерката за култура Канческа истакна дека македонскиот издавачки сектор беше еден од најуспешните во користењето на фондовите од ЕУ-програмата „Култура 2007-2013“, а истиот тренд продолжува и со потпрограмата „Култура“ на „Креативна Европа“. Тоа ја лоцира Македонија помеѓу шесте водечки земји, заедно со Бугарија, Словенија, Унгарија, Србија и Италија. Исто така додаде и дека бројот на поддржани проекти преку новата програма „Креативна Европа“ бележи одлични резултати. Нашите национални установи, невладини организации и издавачки куќи изминатите две години учествуваа во 26 проекти, кои од потпрограмата „Култура’’ на „Креативна Европа’’ се поддржани со повеќе од еден милион евра. Станува збор за осум проекти за културна соработка, 14 проекти за литературни преводи, учество во еден проект за европски платформи, а три македонски организации се активно вклучени и во категоријата на професионални европски мрежи. Интересот за учество во оваа програма е навистина забележителен од нашите национални установи, како Струшки вечери на поезијата, Музеј и завод Битола, но и од невладините организации од културниот сектор, како Скопски џез-фестивал, Центарот за иновации и дизајн „Јавна соба“ од Скопје, Музичката младина на Македонија и други македонски оператори – истакна Канческа-Милевска.
Таа е задоволна и од поддршката на проекти во потпрограмата „Медиа“ на „Креативна Европа“. Иако Република Македонија кон оваа потпрограма пристапи во јули минатата година, а канцеларија во рамките на Агенцијата за филм функционира само половина година, т.е. од април 2016, досега се поддржани три проекти во категориите: Развој на проекти (Скопје филм студио со „Шеќерното дете“) и Фестивали („Македокс“ и ИФФК „Браќа Манаки“) со вкупен грант од 123 000 евра.
Директорката на Агенцијата за филм на РМ, Мими Ѓорѓоска-Илиевска, го истакна своето задоволство поради тоа што Агенцијата е партнер на Министерството за култура во имплементација на потпрограмата „МЕДИА“ и информираше за преземените, како и за претстојните активности. При тоа ги истакна организираните инфо денови, презентации и мастер-класи за „МЕДИА“ во рамките на Скопскиот филмски фестивал, ИФФК „Браќа Манаки“ и „Македокс“, учествата во „МЕДИА“ активностите на Канскиот и на Сараевскиот филмски фестивал, учеството во онлајн кампања која ја прославува 25 годишнината од постоењето на „МЕДИА“, во рамките на која што 04 до 10 Јули 2016, Македонија беше земја во фокусот, а ги најави активности кои што следуваат, како Мастер класот во соработка со Мидпоинт, кој ќе се одржи во рамките на фестивалот „Синедејс“ и учествата на годишното собрание на Кретивна Европа во Брисел и на регионалната „МЕДИА“ конференција во рамките на Загребскиот филмски фестивал. Покрај тоа канцеларијата на „МЕДИА“ постојано одржува консултативни сесии со македонски филмски работници и продуценти и е во комуникација со останатите канцеларии на потпрограмата „МЕДИА“.
Во оваа пригода Ѓорѓоска-Илиевска информираше за резултатите во филмскиот сектор од 2008 до 2015 година, период во кој Агенцијата за филм на РМ поддржала 225 филмски проекти и истакна дека во 2016-та се очекува да бидат завршени 24 нови филма, од кои пет долгометражни играни филмови со мнозински македонски удел, четири со малцински македонски удел (т.е. меѓународни копродукции), четири документарни и единаесет кратки играни филмови. Таа истакна и дека пристапувањето кон потпрограмата „МЕДИА“, покрај континуираната поддршка на Агенцијата за филм, отвора нови можности за македонските филмски работници при реализацијата на нивните проекти и додаде дека канцеларијата за „МЕДИА“, која веќе половина година работи во составот на Агенцијата под раководство на Владимир Стојчевски, им стои на располагање за сите информации и техничка поддршка во врска со престојните повици за аплицирање.