МЕДИА деск Македонија на 23.09.2018 во хотел Епинал-Битола ќе го организира настанот “The 1-st Close up gathering in honour of international cinematographers” во рамките на 39-от ИФФК „Браќа Манаки“.
Идејата за овој настан е да го означи почетокот на серијата средби таканаречени „Close ups“, иницирани од МЕДИА Деск МК, кои ќе се оддржуваат во текот на годината со цел одблизу да се спојуваат различни професионалци од аудиовизуелниот сектор, разменувајќи искуства и решенија за конкретни проблеми. Секој “Close up“ ќе биде посветен на различна тема и ќе опфаќа конкретни домашни и странски професионалци од поединечните области во секторот кој го поддржува МЕДИА. Се разбира, основата на овие средби се темели на поддршката на програмата Креативна Европа МЕДИА и секогаш МЕДИА Деск-от во Македонија ќе ги стимулира македонските апликанти да дојдат до финансиски средства за да си ги остваруваат своите идеи и да си ги реализираат проектите што ги замислиле.
На овогодишното фестивалско издание ќе се прикажат 7 филма кои се поддржани од програмата Креативна Европа-МЕДИА, од кои 3 се во официјалната селекција. Меѓу седумте филма е и документарецот „Пофалба на ништото“ на српскиот режисер Борис Митиќ, кој со поддршка на МЕДИА Дескот МК доаѓа на фестивалот за да оддржи работилница со студентите на 25-ти септември во 13 часот (мала сала). Филмот „Пофалба на ништото“ доби 50, 000 евра финансиска поддршка од МЕДИА во повикот за ТВ програми, кој е отворен за независни европски продуцентски компании чиј бизнис план вклучува соработка со најмалку три телевизиски куќи од повеќе земји членки на потпрограмата МЕДИА.